Три четвртини од младите сметаат дека работничките права постојат само на хартија

Уште едно истражување во склоп на кампањата „365 работнички права за младите“ на Коалицијата СЕГА донесе загрижувачки податоци за младите и нивната работа. Дури за 75% од анкетираните млади, работничките права се напишани само на хартија, 60% се недоволно информирани за своите права, додека 57% се плашат да пријават било какво прекршување. Тоа го прават од две причини – за да не бидат избркани од работа и бидејќи сите останати вработени молчат.

Над 10 проценти од вработените не им е дадено да го прочитаат договорот за работа. Во однос на невработените млади, 64% се подготвени да потпишат бланко отказно решение, а 25% да влезат на работа без да потпишат било каков договор.

Според извршниот директор на Коалицијата СЕГА, Зоран Илиески, потребно е системско решение.

„Да се заштитат работничките права и работодавачките ќе бидат помотивирани да го отворат процесот и да ги едуцираат идните вработени во однос на нивните права, загарантирани со закон“, рече тој.

За претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), Благоја Ралповски, проблем е што младите тешко се интегрираат на пазарот на трудот како работоспособно население. Решение некогаш наоѓаат во „авион за странство“ или работа во несоодветни услови. Неретко се плашат да ги побараат своите права.

„Во последно време низ светот и Европа е популарна автоматизацијата и дигитализацијата. Младите наоѓаат работа преку интернет на најразлични платформи, а не се свесни за нивните социјални права. Само добиваат средства на трансакциски сметки, без никаква заштита на работничките права. Ваквата состојба е загрижувачка и претставува загуба за економијата, општеството, но и за самите млади луѓе“, смета Ралповски.

Неможноста да најдат работа, според Ралповски, ги прави социјално исклучени, ранливи и бескорисни. Тоа влијае негативно врз целата кариера и можност за пристојна плата.

Настанот на Коалиција СЕГА и партнерите се одржа во ЕУ Инфо центарот

„Во Македонија, секој ден сме сведоци на кршење на работничките права. Најчесто тоа е правото на плата, кога работодавците си даваат право нередовно или воопшто да не ги исплаќаат. Проблем е прекувремената работа, за празници и слично, која воопшто не е платена. Потоа работата под притисок, закани, мобинг, со непотполни договори за работа. Исто така, дискриминација при вработувањето, особено кај жените. Неплаќање и на придонесите… Ова е дел од спектарот. Затоа, мора да ги охрабруваме да се изборат за своите права“, забележа Ралповски.

Аљајдин Хавзиу, директорот на Државниот инспекторат за труд, посочи дека околу 700.000 вработени низ земјата зависат од овој инспекторат. А, тие се соочуваат со институционални предизвици од аспект на капацитети и екипираност, особено кога годишно наидуваат на 30.000 случаи со прекршени права.

Сепак, вели тој, постојано се активни, спроведуваат обемни закони за работни односи. Вршат надзори според годишна програма, но и по претставки од граѓани.

„Статистички, невработеноста во земјава е околу 22%, а ние во континуитет придонесуваме за намалување на процентот. За младите, мора да укажам дека многу се важни да ги знаат деталите од договорот за работа. Тој е на 40 часа неделно. Исто така, да знаат дека оној кој работел 150 часа подолго од полното време, работодавачот е должен да му исплати покрај додатокот за плата и бонус“, рече Хавзиу.

Националниот координатор на Меѓународната организација на трудот во Македонија Емил Крстановски, смета дека и работодавачите треба да се вклучат во кампањата. Во однос на младите, смета тој, главното прашање останува „Како до работа?“.

„80% од младите за работа чекаат повеќе од една година. Оној т.н. ‘премин’ од училиште кон работа трае во просек две и пол години. Тоа се сериозни проблеми. Кога ќе се вработат, заработуваат две третини помалку од повозрасните колеги. Кога ќе добијат договор, тоа е документ на еден, три, шест месеци. Една третина од младите воопшто не се вклучени во никаков процес на образование, обука или вработување“, напомена Крстановски.

Фото: Коалиција СЕГА

За него, уште пострашно е што за 53.000 млади луѓе воопшто не се знае што прават во државата. Тие не постојат во системот.

„Владата преку сет мерки се обидува да најде решение, но нема да може без учество на бизнис заедницата, синдикатите и невладиниот сектор. Сите да допрат до тие 53.000 луѓе и да ги активираат. Треба да се поттикнува амбициозноста, претприемништвото, ризикувањето на пазарот на трудот. Наместо тоа, секој ризик кој ќе биде неуспешен во Македонија се казнува!“, забележа тој.

И адвокатката Анета Баснарков даде поддршка за кампањата. Истовремено, вели таа, не треба да се остави впечаток дека „само се жалиме“. Фактите се точни и за бизнис-климата, и пазарот на трудот, меѓутоа и самите млади луѓе малку да се запрашаат и замислат „што може да направиме?“.

„Оваа кампања е мотив, поттик за сите млади, пред се’ да се информираат. Поентата е да знам каде да се обратам, како да се заштитам, што можам да направам за себе, но и за идните поколенија. Секој млад човек бара работа, а утре ќе стане менаџер, директор, ќе стане работодавач. Лично ова го доживувам како помирување меѓу работниците и работодавачите. Да си подадат рака. Бидејќи, работничките права се бенефит за сите. Секој лесно стапува во контакт со едуциран и информиран човек. Со таква комуникација лесно се стапува или истапува од работен однос“, смета таа.

Александра Дичевска од Агенцијата за млади и спорт (АМС) рече дека согласно националната Стратегија за млади, меѓу другото е и проблемот со младинските вработувања.

Спорен неа, АМС прави напори да ги координира институциите да создадат услови за вработувања, а ја спомена и мерката Гаранција за млади и платформата за младите и бизнис секторот, каде ќе можат да се информираат двете страни.

Бојан Шашевски