Младите да се едуцираат за зелени работни места, кадри недостасуваат во сите индустрии

Енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, градежништвото, земјоделството, третманот на отпадот и зачувувањето на ресурсите, се само дел од областите кои во последните години креираат голем број на зелени работни места, пишува „Мета“.

Одржливиот концепт и циркуларната економија станува дел од речиси секој аспект на секојдневието и на граѓаните и на бизнисите. Тоа е тесно поврзано и со иднината и начинот на образование на младите. Тие кои ќе треба да бидат главните носители на борбата со климатските промени мора да се едуцирани, но и обучени да работат на вистинските позиции за зачувување на планетата и човештвото. Зелените работни места се реалност и иднина, заради што овој концепт мора забрзано да се развива, а младите да добијат правилна насока какво образование и работно место да одберат.

Во С. Македонија термините зелена економија и зелени работни места  сé уште не се доволно познати, а за пошироката јавност се и неразбирливи. Тоа оневозможува соодветно согледување на нивното значење за економскиот развој на земјата, која, од друга страна, и онака е сиромашна со природни ресурси и потребно е многу внимателно и одржливо управување со истите, смета Мила Јовановска од еколошката организација „Гоу Грин“.

Таа посочува дека според препораките од Европската Унија и светските финансиски институции, земјава без да создаде услови за  развој на зелена економија, сѐ повеќе ќе заостанува во современите економски и социјални текови.

„Зелени работни места се пристојни работни места кои придонесуваат за социјална еднаквост и зачувување, обновување и унапредување на животната средина. Тие придонесуваат за ефикасна употреба на ресурси, за намалување и управување со отпадот, намалување на аерозагадувањето, за заштита и обнова на екосистемите, намалување на стакленичките емисии на гасови, прилагодување на последиците од климатските промени, како и за зголемена енергетска ефикасност, а истовремено се продуктивни, обезбедуваат солиден приход за работникот, безбедност на работното место, социјална заштита за семејствата, личен развој и општествена интеграција, простор за слободно изразување на своите грижи од работата, како и еднакви можности и третман на сите мажи и жени“, вели Јовановска.

Двегодишниот извештај за климатски промени објавен во 2018 година од Министерството за животна средина зелените работни места ги означува како „win-win-win“ мерки. Во поново време, тие се споменуваат во соодветните национални придонеси на С. Македонија за Парискиот договор за клима, со кој државата се обврзува на намалување на  јаглеродниот диоксид за 30 отсто до 2030 година.

Во овој документ е наведено дека доколку би се реализирале мерките за енергетска ефикасност во секторот згради и ниско-јаглеродно снабдување со енергија со обновливи извори и гас, тогаш до 2030 година во Македонија може да се очекуваат околу 6.000 зелени работни места.

Овој податок, според Јовановска, претставува напредок во однос на свеста кај одделни институции за важноста на зелените работни места во услови на недостаток од анализи и истражувања околу системските реформи и мерките кои треба да се преземат, со цел да има суштинско придвижување на општеството во насока која ќе обезбеди баланс помеѓу економијата и заштитата на животната средина.

Исто така, Вториот двегодишен извештај за климатските промени ги потврдува наодите, со тоа што се констатира дека 6.200 зелени работни места би се отвориле до 2035 година, од кои 4.000 се во секторот на енергетската ефикасност и згради.

Според Ревидираниот национален утврден придонес од 2021 година, пак, очекувани се 8.000 работни места до 2030 и 10.000 до 2035 година, за што главно ќе придонесат политиките и мерките за енергетска ефикасност, и тоа со 77 отсто. Тоа се реконструкција на постојните резиденцијални згради (42%), изградба на пасивни куќи (21%), обновлива енергија без стимулации (6%) и соларни термални колектори (8%).

„Доколку ги следиме овие проекции, препораките за младите кои треба да изберат занимање или струка би биле тие да се насочат кон изучување на енергетиката, обновливи извори на енергија и градежништво, бидејќи тие се секторите кои најмногу треба да се прилагодат и придонесат за решавање на климатските промени. Треба да се зголеми и информираноста кај младите за придобивките од овие професии, односно да се поттикнат да се запишат во средно стручно училиште како би биле поквалификувани и би го доразвиле своето знаење и вештини на факултет“, посочува Јовановска.

Напоредно, смета таа, треба да се мотивираат учениците уште во основно образование да го разберат концептот климатски промени и да разберат дека самите тие преку нивната професија може да допринесат за нивното ублажување и за создавање одржливо општество. За постигнување на тоа треба еден севкупен пристап со добра стратегија која ќе ги опфати и образовниот процес и пазарот на труд.

Една од индустриите кои забрзано отвора зелени работни места е таа за обновливи извори на енергија. Тука, недостатокот на квалификувани кадри се чувствува одамна. Од тие причини, асоцијацијата „Солар Македонија“, која брои над 80 членки- компании од оваа индустрија, веќе направи четири обуки во кои стотина работници добија сертифицирани дипломи. Сепак, според претседателот на асоцијацијата, професорот Илија Насов, недостасуваат уште најмалку толку.

„Последните две до три години Солар Македонија доби два гранта од УСАИД за повеќе активности, меѓу кои организирање на обуки и тренинзи за кандидати кои сакаат да се едуцираат за инсталирање на сончеви колектори, фотоволтаични системи и на најновите хибридни колектори кои произведуваат како електрична така и топлинска енергија. УНДП исто така ја ангажираше Солар Македонија за изготвување на занимања за возрасни. Асоцијацијата е овластена од Министерство за образование и наука како и од Центарот за образование на возрасни за организирање на обуки и тренинзи со доделување на сертифицирани дипломи. Во последните три години организиравме четири обуки на неколку теми, како теоретски така и практични, со по дваесеттина кандидати, кои добија вакви дипломи“, објаснува Насов.

Асоцијацијата во изминатиот период направи обуки за димензионирање на соларни системи со најновите софтвери Т сол, ПВ сол и Геосол со што нивото на знаење кај скоро сите проектанти, инсталатери, дизајнери се покачи на највисоко ниво, бидејќи знаењата кои ги добиваат заинтересираните страни ги содржат сите потребни податоци за изготвување на бизнис планови и носење одлука за инвестирање.

Најголемите инвестиции во наредните пет години, посочува Насов, кои ќе ги направи Европската Унија, ќе бидат во обновливите извори на енергија, како еден од најдобрите начини за решавање на стакленичките гасови, најголемата причина за глобалното загревање. И кај нас веќе почнаа интензивни инвестирања во соларни централи и во други обновливи извори на енергија, што на обучените работници ќе им овозможи брзо да најдат работен ангажман во оваа зелена индустрија.

„Дефицит на кадри во овие занимања има, веројатно се повеќе од стотина работници. Зелените работни места и зелената енергија се во моментов најатрактивните ангажмани при вработување, бидејќи јасна е определбата на светските и европските институции дека иднината е во одржливата зелена економија. Речиси сите финансиски институции, агенции, влади … инсистираат на зелени инвестиции бидејќи на тој начин го решаваат не само загадувањето на човековата околина и климатските промени, туку и преземените обврски спрема ООН, ЕУ и зелените директиви, протоколи и договори. Иднината е во екологијата, а овие занимања и обуки допринесуваат младите си го најдат местото во индустриите кои допрва ќе се развиваат“, потенцира Насов.

Мета