Младите Бугари масовно се дистанцираат од државата

„Во Бугарија претстои генерациска револуција – судир меѓу институциите и младите луѓе, родени по 1989 година“ – ова е прогнозата на бугарскиот социолог и политичар Крсто Петков, по анализата на есеите напишани од млади на возраст од 16 до 19-годишна возраст, на државниот конкурс на тема „Државата во која сакам да живеам“.

Според Петков, конкурсот покажал дека младите луѓе масовно се дистанцираат од државата, а нивното однесување се базира на „разминувањето меѓу нивните верувања, убедувања, знаења – и реалноста“. Авторот на анализата ги дели младите во Бугарија на три групи: најголемата (45%) ги вклучува „патриотите“, кои се критички настроени кон Бугарија и сакаат таа да се промени. 25% се „прагматиците“, приврзаници на фразата „Ја сакам татковината, но не и државата“, а 20% влегуваат во ткн „космополити“. Последните, според Петков, се нов феномен во бугарското општество – млади кои веруваат дека светот е општ сојуз на граѓани, место без граници, предрасуди и забрани. Оваа група ќе се зголемува, затоа што дигиталната ера создава нов вид стремежи, смета социологот.

„Како и повеќето Бугари, знам во каква држава не сакам да живеам“, вели Елена Тарапова од Петрич, која ја добила третата награда на конкурсот, заедно со Иванка Казакова од Асеновград, според која „секој треба да се спознае и да се развие себеси, инаку промената нема да се случи“.

Василена Василена од Стара Загора смета дека „мимикријата во толпата стана религија на современиот Бугарин“. Таа ја доби втората награда, исто како и Викторија Белукова од Велинград, за која: „И нашата генерација има вина, затоа што го бара проблемот кај вас, возрасните“. Првата награда на конкурсот не е доделена, а добитниците го поделија наградниот фонд од 6 600 лева (окоу 3 300 евра). Најдобрите есеи ќе бидат објавени во бугарските списанија, а наградените ќе добијат и стипендии за студирање на Европското вишо училиште за економија и менаџмент.