Младиот автор Петар Андоновски е добитник на наградата „Роман на годината“

Младиот автор Петар Андоновски со романот „Телото во кое треба да се живее“ во издание на „ИлиИли“ од Скопје е добитник на наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“ за 2015 година.

Романот на Андоновски е избран во конкуренција на 39 романи пристигнати на отворениот конкурс кој траеше од 15 декември 2015 до 15 јануари 2016 година.

Организаторите на конкурсот соопштија дека во најтесна конкуренција за наградата влегоа и прозните остварувања на Владимир Јанковски „Невидливи љубови“ во издание на „Антолог“ и на псевдонимот „Берт Стајн“ зад кого се крие Бранко Прља „Три минути и 53 секунди“ во издание на „Готем“.

 

Петар Андоновски е роден во 1987 година во Куманово. Студирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност. Автор е на книгата поезија „Ментален простор“ (2008) и на дебитантскиот роман „Очи со боја на чевли“, кој беше во најтесниот избор за наградата „Роман на годината“ за 2013 година.

Инаку, како што потсетува Радио Слободна Европа, Комисијата за издаваштво во Министерство за култура одлучи дека овој роман не заслужува државна поддршка при издавањето. Во знак на пркос, авторот Андоновски и издавачката куќа „ИлиИли“ го пуштија во продажба за само 50 денари. Цената беше постигната, така што сите вклучени во издавањето, од лектура до техничко уредување, се откажаа од своите хонорари.