Младинското учество во институциите во фокусот на конференцијата на НМСМ

Со цел да им се овозможи на претставниците на институциите и младинските организации да дискутираат за политичкото учество на младите, но и да се развие дискусија за тоа што преземаат институциите за нивно вклучување при процеси на креирање политики, вчера во Скопје се одржа еднодневната младинска конференција „Како институциите инспирираат младинско учество?“.

Организатор на настанот, на кој воведни обраќања имаа британскиот амбасадор Чарлс Гарет и заменик претседателот на Владата за европски прашања Фатмир Бесими, беше Националниот младински совет на Македонија.

Во своето излагање британскиот амбасадор потенцираше дека младите луѓе имаат капацитет и сила да бидат партнери на институциите за градење и носење политики.

„Ние во Британија ги цениме младите многу. За да ја видиме перспективата на младите, воспоставивме дијалог со младите и тие комунцираат не само со Британија, туку со целиот свет“, истакна британскиот амбасадор.

Исто така тој укажа на важноста од постоење на младинско претставничко тело кое во национален контекст ќе говори во името на младите и воедно ги повика креаторите на политики во Македонија да ја унапредат соработката со младите и младинските организации.

„Денешните политики  ја обликуваат денешнината и затоа ја уважуваме улогата на НМСМ и заложбите на младите да го израснат во претставничко тело на млади луѓе и организации. НМСМ треба да биде препознаен од  млади луѓе, од јавност и институции. Младите луѓе од сите етнички заедници имаат голем влог и треба да учествуваат во градењето на иднината,“додаде Гарет.

Бесими пак во своето обраќање на младите им упати силна мотивациска порака да се наметнат на институциите за тие да го слушнат нивниот глас.

„ Јас ги охрабрувам  младите да го прават тоа што мислат дека е подобро за Македноија. Се што прават политичарите е за подобра иднина, која ќе ја живеат младите. Вие младите можете да ја испратите пораката Македонија да не биде земја на кампови и шатори, и да кажете дека сте младина која знае да биде коректор на носителите на функции..“

Пред младите тој истакна дека иднината на Македонија е во ЕУ.

„Тоа е нешто подлабоко. Тоа се повеќе од закони, повеќе од институции. Тоа е нашата свест за вредности, европски вредности, што ги обедини нациите, стари долговечни, во име на мирот и прогресот, во периоди кои доаѓаат со мноу предизвици, каде сите наши конфронтации ќе се сведат на глобални предизвици. Тука мое да успееме сите ако веруваме во исти вредности“, рече Бесими.

Ивана Давидовска, претседателката на НМСМ пред присутните ги сподели заклучоците и препораките од Младинската конференција „Политичко зајакнување на младите“ (Конференција во  рамки на Структурен дијалог), одржана во март 2015 год. Таа говореше за европските практики на локално ниво и механизмите кои се покажале како ефективни при креирањето на политики  насочени кон младите.

„Зошто е потребен структурен дијалог? За младите да разберат што работат институциите, да го кажат својот глас и да бидат разбрани. Заради поголема транспарентност и соработка и зајакнување на локалните претставнички тела кои ќе бидат генератори на младинско учество каде се битни принципите: дијалог, вклучување и плурализам“, посочи Давидовска.

По воведните излагања следуваше панел дискусија на тема „ Унапредување на ангажманот на креаторите на политиките и нивната посветеност на младите луѓе“. Гости на панелот беа  Дамјан Здравев, извршен директор на РЕАКТОР кој ги презентираше наодите од анализа на истражувањето за потребите на младите на локално ниво коешто РЕАКТОР го спроведе неодамна на барање на НМСМ; Јулијана Даскалов, консултант и истражувач во полето младински политики; Дона Костуранова, управен одбор на НМСМ и Мартин Милошевски, Асоцијација на европски студентски структури АЕГЕЕ-СКОПЈЕ.

Конференцијата беше дел од проектот „Инспирирај младинско учество”, поддржан од Британската Амбасада во Скопје.

Националниот младински совет е чадор организација која ја сочинуваат 57 организации за млади и младински организации, и претставува платформа која ги претставува интересите и потребите на младите луѓе како линк со сите засегнати страни.