Младински самит во Скопје од 3 до 5 декември

Младинскиот културен центар од 3 до 5 декември ќе биде домаќин на Skopje Youth Summit (Младински самит Скопје), каде е најавено дека ќе учествуваат 200 млади активисти за човекови права, претставници од граѓанскиот сектор, артисти и млади политичари од целиот Западен Балкан.

Организатор е Младинската иницијатива за човекови права (YIHR), која потенцира дека се работи за клучен младински настан од регионот.

„Самитот ќе промовира демократско единство и ќе го зајакнува про-демократскиот дискурс и убедувањата меѓу младите во регионот на Западен Балкан и пошироко, дозволувајќи им да се поврзат, да учат едни од други и да придобијат поголемо разбирање за политичките движења и граѓанското општество низ светот“, велат од YIHR.

Од таму нагласуваат дека Самитот е за млади луѓе кои не се плашат да оспорат статус кво, страстни за градење мирни и демократски општества ширум светот, но и оние кои се љубопитни да разменуваат знаења со другите.

„Самитот ќе истражува различни аспекти на активизмот и креативни начини за мобилизирање на заедниците, со цел да се овозможат демократски процеси. На ангажиран и интерактивен начин, ќе ги научи учесниците за демократските промени што се случија во Северна Македонија и ќе понудат паралели со слични процеси низ целиот свет“, се вели меѓудругото во најавата за Самитот.

Во склоп на самитот се најавени разни настани, предавања, работилници за човекови права и демократско учество, говори од млади активисти и лидери од Северна Македонија, Турција, Србија, БиХ, Хрватска, Косово, Словачка, Венецуела, Романија…

Исто така, во Самитот се вклучени и музички содржини – настапи на „Чајгија саунд систем“, диџеј Чваре, концерти на „Буч Кесиди“ и „Фулиш Грин“.

Целата агенда може да се види ТУКА.

Инаку, изминативе 10 години, YIHR организираше Самити со поддршка на National Еndowment for Democracy (NED) во Белград (2009), Приштина (2012), Сараево (2015), Загреб (2017) и сега во Скопје.