Младински предизвик за креирање дигитални дигитални решенија за вклучување на младите со попреченост

Сите млади на возраст од 14 до 24 години можат да се пријават за учество на вториот по ред „Generation Unlimited“ – Младински предизвик како ко-креатори на дигитални решенија кои ќе одговорат на предизвикот: „Како може дигиталната технологија да придонесе за поактивно вклучување на децата и младите со попреченост во образованието и во секојдневниот живот?”

Заинтересираните треба да аплицираат со тим од 3 до 5 учесници во една од двете возрасни групи (14 до 18 и 19 до 24 години) до 22 ноември 2019.

Тимовите кои аплицираат треба да вклучуваат и барем еден член кој е лице со попреченост. Овие тимови ќе имаат предност во процесот на селекција. Апликации на тимови кои не вклучуваат и лица со попреченост ќе бидат земени во предвид само ако демонстрираат како предложеното решение низ тесна соработка ќе биде проверено или развиено заедно со лица со попреченост или организации/експерти кои директно работат со лица со попреченост.

Отворени инфо денови за настанот се 24 и 25 октомври, пред-работилници ќе има на 29 и 30 ноември, а 3 дневна работилница за ко-креирање (Bootcamp) на 13, 14 и 15 декември. Менторски сесии ќе се одржат во период од 15 декември до 15 март 2020, со петте финалисти, кои ќе добијат по 1000 долари за развој на нивната идеја.

Во светот живеат помеѓу 93 и 150 милиони деца со попреченост. Светската здравствена организација проценува дека во одредени земји „да се живее со попреченост за децата значи удвојување на веројатноста тие никогаш да не тргнат на училиште”. Во нашата земја, од вкупниот број ученици кои посетуваат настава секоја учебна година само 0,5% се деца и млади со попреченост.

„Generation Unlimited“ е глобално партнерство кое има за цел сите млади на возраст од 10 до 24 години да добијат образование, обука и работа до 2030 година. #GenUnlimited се базира на експертизата на младите луѓе, претставниците од владите, мултилатерални организации, приватниот сектор и граѓанското општество за да поттикнат итни инвестиции во образованието, тренинг за стекнување на вештини и оспособување на брзо растечката глобална популација на адолесценти и млади луѓе (10-24 год.), што до 2030 ќе достигне 2 милијарди.

Младинскиот предизвик има за цел да ја ослободи креативноста и идеите на младите луѓе низ светот. Станува збор за инклузивен дизајнерски процес кој ги повикува младите активно да се вклучат како „решавачи” и да дизајнираат решенија кои одговараат на предизвиците. Младинскиот предизвик е финансиски поддржан од УНИЦЕФ и Фондацијата Телеком за Македонија имплементиран е од СмартАп – Лабораторија за социјални иновации Скопје, а локално е поддржан од Сојузот на Извидници на Македонија.

Повеќе инфо ОВДЕ.