Младински организации од Македонија и Албанија усвоија Декларација за соработка

После тринаесет месеци интензивни активности на проектот „Млади без граници“,денеска во Струга граѓанскиот сектор на Република Македонија и Република Албанија усвоија Декларација за понатамошна прекугранична соработка. Декларацијата ќе биде доставена до владите на двете земји, како и до Европската Унија.

Младинските организации на Македонија и Албанија усвоија Декларација за соработка

„Денеска се усвојува Декларација која има за цел да го обезбеди понатамошниот напредок  и соработка помеѓу невладините организации и општините и институциите од Македонија и Албанија. Оваа Декларација ќе биде испратена до надлежните државни институции во Македонија и Албанија. Оваа Декларација ќе биде испратена и до Европската Унија во знак на заложба на невладините организации за поголема соработка и идно делување во насока на подбрување на животот на младите,“ истакна Зоран Илиевски, извршен директор на коалиција на младински организации „Сега“.

Овој проект покажа дека младите во двете земји се соочуваат со исти проблеми како што е вработувањето и во таа нсаока има повеќе полиња каде може младината од Македонија и Албанија да оствари соработка.

„Најпрвин тоа може да биде отпочнување на разговори зошто младите не се наоѓаат во пазарот на трудот, бидејќи мислам дека состојбата е иста како во Албанија така и во Македонија. Мислам дека заедничките платформи за кои треба да се разговара се вработувањето на ладите и реконфигурација на заедничката енергија на младите“, потенцира денеска во Струга Лард Кола, советник на министерот за труд и социјала во Република Албанија.

На денешната финална конференција беше презентирано и влијанието на самиот проект, посебно во делот на зближување на младинските организации на Македонија и Албанија и креирањето на идни проекти во интерес на решавање на проблемите на младите од двете страни на границата. Еден од најголемите предизвици на проектот „Млади без граници“ е вклучување на институциите во насока на решавање на проблемите на младата популација.

Извор: Супер Радио/ ТВ Спектра