Младински организации ќе го бираат претставникот во Регионалната канцеларија

Агенцијата за млади и спорт отвори јавен повик за младински организации, чии преставници ќе учествуваат во работната група што ќе го избери македонскиот претставник во Регионалната канцеларија за младинска соработка. Канцеларијата треба да започне со работа на 1 јануари во 2017 година, со седиште во Тирана, но во сите останати земји од Западниот Балкан ќе бидат отворени национални младински канцеларии.

Спогодбата за овој младински проект ја потпишаа шесте премиери од државите на Западен Балкан, за време на Парискиот самит, кој се одржа минатата недела.

Според Иван Јованов, од Националниот младински совет на Македонија, се работи за најважната регионална младинска политика во последните 20 години, која ќе се базира на принципите за соработка, пријателство и на соживот.

„Младите ќе добијат шанса за размена на нови искуства, додека младинските организации ќе добијат шанса за собирање на средства и за имплементација на активности и проекти, кои притоа ќе овозможат размена на практики. Она што е најважно во овој процес, е што младите и младинските организации ќе можат да имаат свој глас во регионалната канцеларија, преку избирање на свој претставник“, рече Јованов.

До 15 септември ќе се знае кој ќе биде македонскиот претставник во регионалната младинска канцеларија, но дотогаш ќе се бираат младинските претставници кои ќе ќе го направат тој избор. Критериумите кои треба да ги исполнат младинските претставници во работната група се: да доаѓаат од организацијата која постои најмалку 3 години, во извршното тело на организацијата да има млади, таа да има свое јавно гласило, да е регистрирана врз основа на Законот за здруженија и фондации и Законот за Црвен Крст на Република Македонија, да ја има тековната состојба и наративен извештај за 2015 година со најмалку 5 имплементирани активности. Крајниот рок за овие пријави е 27 јули.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески се надева дека овој процес ќе ја поттикне мобилноста и образованието и ќе се развие натпреварувачкиот дух помеѓу младите од Западен Балкан.

„Досега е направена консултативна средба со над 50 младински организации, каде се дефинираа процесите и чекорите за младинскиот претставник, којшто ќе биде составен дел или член на Управниот одбор на регионалната канцеларија. Станува збор за отворен, инклузивен и транспарентен процес, којшто ќе му даде можност и право на секој млад човек кој активно работи и функционира во младинските организации во нашата земја, да учествува и да биде избран како наш претставник во Регионалната младинска канцеларија“, рече Спасески.

Според Марија Матовска од Млади инфо, и член на Работната група за формирање на оваа канцеларија, препораките кои биле усвоени на Самитот, се однесуваат на едукација и мобилност, вработување и претприемништво, вклученост на млади и млади и медиумите.

„Она што главно се дискутираше во овие работни групи беше пред се во однос на едукацијата и мобилноста, да се максимизира потенцијалот што го нудат веќе постоечките европски програми во однос на Западниот Балкан. Понатаму, да се работат повеќе програми кои ќе се однесуваат на високото образование, но и на стручното образование, бидејќи сите бевме согласни дека стручното образование има голема потреба да биде разработено“, вели Матовкса.

Во однос на вработувањето и претприемништвото, членовите на Работната група во Париз, констатирале дека потребна е поквалитетна пракса, со што би се надминала младинската невработеност во овој регион, да има повеќе извори на финансирање, да се поттикнува повеќе претприемничкиот дух. Во однос на младинското учество, пак, било истакнато дека требаат повеќе средства во младинските организации, зајакнување на формалното и на неформалното образование, признавање на националните младински совети. Во четвртата работна група, односно за младите и медиумите, било предложено преку неформални начини да се поттикне младинското учество, да се отворат повеќе младински медиуми за да биде слушнат гласот на младите.

На Самитот во Париз, присуствуваа 12 претставници од Македонија, од вкупно 150 млади од Западен Балкан и земји-членки на Европската унија.