Вкупно 18 членови на клубовите „Учиме право“ на Младински образовен форум од Скопје на 15 мај имаа можност да го посетат Основниот суд Скопје II кој ги отвори своите врати за младите кои сакаа да се запознаат поблиску со работата на судот.
Средношколците беа срдечно пречекани од страна на претставниците на Судот, кои со задоволство ги запознаа младите со работата на оваа институција, постапките за кои се одлучува и исцрпно одговорија на големиот број прашања поставени од страна на средношколците, кои имаа желба да научат повеќе за граѓанското право во праксата. Полнолетните средношколци имаа и можност да присуствуваат на главна расправа и да видат како таа се одвива, како централен стадиум на постапката и што претставува парничната постапка, во која се одлучува за правата и обврските на граѓаните.
За Бојан Тодоровски, ученик во четврта година во СУГС “Георги Димитров” од Скопје, посетата на Основниот суд Скопје II беше извонредно искуство.
„Присуствувајќи на судењето, тоа што го забележав беше добрата организација, официјалноста и почитта кон Судот како институција од страна на сите учесници во постапката. Ова искуство не само што ме мотивираше да продолжам со следење на програмата „Учиме право“ во МОФ, туку исто така ме мотивираше да го продолжам моето образование на Правниот факултет и којзнае, да се најдам можеби еден ден на местото на судијата“, вели Тодоровски.
„Ако многумина сонуваат одблиску да се запознаат со граѓанското право и граѓанските постапки кои се водат пред Основниот Суд Скопје II, за нас, членовите на напредниот клуб Учиме право овој сон стана јаве. Особена чест ни е што можевме да согледаме како се применува правото во праксата, т.е. да имаме можност како јавност да проследиме главна расправа. Оваа посета претставува големо искуство за нас како млади луѓе кои во иднина ќе пловат во правното море рече Моника Стојчевска ученик во четврта година од СУГС “Орце Николов”.
Интересна беше можноста да го посетиме Граѓанскиот Суд, имавме многу што да научиме и да видиме како работи судот, а и да проследиме како тече граѓанската постапка во реалниот живот. Тоа е нешто што верувам дека сите би требале да го знаеме, а особено ние младите кои допрва активно се вклучуваме во општеството рече Никола Андоновски ученик во четврта година од СУГС “Георги Димитров”
„Начелото на јавност е значајно начело затоа што за граѓаните претставува механизам на контрола на работата на судот од една страна, но од друга страна пак преку ова позитивно се влијае врз правната свест кај граѓаните затоа што овозможува нејзино развивање“, рече Кристина Митрова координатор на програмата „Учиме право“.