„Младински инспиративни дискусии“ за размена на ставови и идеи

Образованието, младинска вработеност, стандард и учество беа темите на националната конференција „Младински инспиративни дискусии“, која вчера се одржа во Скопје во организација на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Конференцијата ја отвори Генералната секретарка на НМСМ, Ивона Крстевска, која откако ги поздрави присутните ја промовираше  новоформираната работна група во рамките на Советот која ќе работи на креирање младински политики, нивната причина за формирање и нивната цел.

„ Имајќи предвид  дека четвртина од населението во Македонија е на возраст од 15-29 години и дека младите луѓе имаат капацитет и сила да бидат кредибилен партнер на владините институции при донесувањето на младински политики, сметаме дека е потребно да се инсистира на нивното активно учество во градењето и носењето на младински политики во државава“, истакна Крстевска.

Таа посочи дека младинската инспиративна група МК (МИГ МК) е составена од 9 члена, претставници на организациите членки на Советот и претставува група за креирање политики и советодавно тело на НМСМ.

На отворањето на конференцијата свое обраќање имаше и заменик амбасадорот на Британската амбасада во Скопје, Пол Едвардс.

„Вие младите имате една предност која треба да се искористи, а тоа е вашата мисла која не подлежи на никакви бариери и граници. Таа храброст на вашата мисла треба да ве прави  неуморни во барањето на иднината која вам ви припаѓа, со јасни и недвосмислени пораки упатени до засегнатите страни“, истакна Едвардс.

Претседателот на НМСМ Дамјан Николовски пак посочи дека се потребни заеднички напори, на младите и институциите за зајакнувањето на младинското учество и партиципативната демократија.

На конференцијата се дискутираше за четири теми образование, младинска вработеност, младински стандард и младинско учество.НМСМ и групата за креирање на политики порачаа институциите да ги земат предвид препораките од конференцијата  и младите да ги вклучат како рамноправен партнер во креирање политики во интерес на младите, како и во процесите на донесување одлуки важни за младите.

Конференцијата е дел од проектот „Младинско учество“ поддржан од Британската амбасада во Скопје.