Младински активисти: Младите нема да замолчат

По повод денешниот Светски ден на младите – 12 Август, ЦИВИЛ Медиа разговараше со активисти од Студентскиот пленум и од Средношколскиот пленум за нивниот став околу тоа колку се слуша младинскиот глас во Македонија и каде е, односно, каде би требало да биде местото на младите во општеството.

ЦИВИЛ Медиа изразува надеж дека политичките чинители во Македонија ќе имаат слух за гласот на младите, за изјавите на соговорниците кои со својата досегашна работа дале придонес за унапредување на положбата на младите. Зашто, како што посочуваат од ЦИВИЛ „пред да осознае што сака, младоста точно знае што не сака!“

Павлевска: Младите мора да бидат вклучени во донесувањето одлуки!

„По сите маршеви, протести и окупацијата на факултетите, гласот на младите во Македонија и тоа како се слушна! И не само во границите на Македонија. Но, се слушна дури тогаш кога сериозно им се налутивме на сите што со години не замолчуваа и ни порачуваа – не мешајте се, токму кога се работеше за нас и за нашите ’испокршени’ права. Не оставија со години да живееме во ужасни студентски домови, без греење, без топла вода и со недоволна, неквалитетна, еднолична храна. А ние, иако лути, не прозборевме навреме“, вели Марија Павлевска, активистка од Студентскиот пленум..

„Ние првпат викнавме токму тогаш, кога во домовите почнаа да паѓаат лифтови со студенти во нив, а тоа се прикриваше од надлежните. Подоцна, се обидоа да ни сервираат тестче со пет прашања, и не прифативме да бидеме експериментални глувчиња за квази-образовните реформи. Покажавме дека знаеме аргументирано и критички да размислуваме и дека нема да замолчиме пред никого кој не зборува и дејствува правилно и разумно. И затоа, не мислам туку знам, дека како млади треба да бидеме вклучени во донесувањето одлуки за оние прашања кои се однесуваат на нас. Треба да се бара консултација од младите и за многу други области кои можеби навидум не ни се блиски, но токму ние ја имаме креативноста и храброста да размислуваме на оние начини на коишто возрасните веќе не знаат да размислуваат, затоа што ги умртвил системот во кој останале премногу долго“..

„Ни требаат повеќе места кои ќе изгледаат како аулите на окупираните факултети и во најскоро време треба да си ги обезбедиме. Повеќе дискусии, повеќе музика, повеќе уметност… На младите во Македонија им треба слобода за да бидат млади. Затоа што ,да не заборавиме, младите се ресурс на секое општество, и не смее да се дозоволи токму тие да бидат колатерална штета“„ децидна е студентката Павлевска.

Бекири: Владата не знае да ги реши проблемите на младите

„Дали Македонија може да го прославува Светскиот ден на младите, рамо до рамо со другите држави? Во земја во која пензионерите ги уживаат бенефициите што би требало да ги уживаат младите, мислам дека не е лесно да се изедначиме со светот во тој поглед. Колку младите имаат и ги уживаат своите права во Македонија и колку се самите свесни за тоа е под знак прашалник. Мислам дека е доволно да го погледнеме Студентскиот дом ’Гоце Делчев’, за да видиме во каква средина созреваат младите и каква ’иднина’ сака државата да продуцира,” смета Љуми Бекири, активист од Студентскиот пленум.

Според него, и во Македонија постои прогресивна младина, жедна за промени и поубав живот во својата татковина, младина која што секоја земја во светот ја заслужува и младина која е свесна за сите случувања во средината во која што живее. „Таа младина кај нас се докажа минатата година. Тоа се токму младите, прекрасни лица на девојките и дечките од Студентскиот и од Средношколскиот пленум, како и сите млади активистки и активисти кои се борат за подобра иднина во својот дом. Колку ќе се покрене свеста за младината во оваа наша држава, останува да видиме… Можеби, во иднина, со некоја друга Влада, бидејќи сегашнава која што е во заминување, покажа целосно незнаење и имаше несоодветен третман на проблемите на младите“, смета Бекири.

Милевски: Младите треба да бидат прашувани за сé

Според Александар Милевски, активист од Средношколскиот пленум, младинскиот глас во Македонија слабо се слуша, пред се’, поради режимот кој девет години владее, поради тоа што голем дел од младите се незаинтересирани и не се вклучуваат во општествените случувања во Македонија.

„Местото на младите во Македонија е во општествените случувања и во донесувањето одлуки за нив и нивната иднина. Младите треба да бидат високо на листата на приоритети на во општеството и треба да бидат прашувани за сè што ги засега“,ни изјави Милевски

 

Тунтева: Мора да се смени ужасниот однос на власта

„Ако до пред некоја година, ни се чинеше дека младите се безгласна буква во македонското општество, дека се апатични, неорганизирани и без никаква моќ, случувањата од последната година, покажаа дека тоа не е сосема точно. И самите бевме сведоци дека кај младите се зголеми нивото на свесност за општествените случувања, дури се создаде и едно чувство на општествена одговорност кое водеше кон неопходност за самоорганизирање и студентски/ученички активизам.

Но, за жал, искуството од последните неколку месеци покажа и докажа дека гласот на младите во Македонија не вреди ништо и исто толку не се слуша, како и гласот на сите останати граѓани. Сметам дека храброста на сите оние кои се вклучија во младинските протести и воопшто, во целото будење на младите кои дотогаш сите ги забораваа, мора да се цени и да се запамети! Особено, храброста на средношколците кои решија смело да се борат за своите права, преку своето ’кампување’ пред МОН“, вели Нина Тунтева, активистка од Студентскиот пленум.

„Но, токму нивниот случај најдобро докажува дека ни тоа не беше доволно! Ниту малолетниците кои (со полно право) не се враќаа во училниците, ниту матурантите кои спиеја на улица – за власта и одговорните институции да соберат храброст да се соочат со нив, да го променат нивниот апсолутно ужасен однос и да ги удостојат со вистинско решавање на проблемот. И покрај големото разочарување кај еден дел од младите, верувам дека токму тоа докажува оти мора уште подобро да се организираме, уште подобро да се информираме и да се едуцираме за сите проблеми со кои (ќе) се соочуваме и да продолжиме со засилена активност“ завршува Тунтева.