Младинска претстава „Касета“ на 22 јануари

Во Театарот за деца и младинци на 22 јануари (среда) од 20 часот ќе се одигра младинската претстава „Касета“.

„Касета“ говори за тинејџерката Тува, која не може да најде заеднички јазик со својот татко, за кој има мислење дека е многу здодевен и ништо не разбира.

„Еден ден, не знаејќи што да прави, доаѓа до идеа да се качи на таванот од куќата каде што живеат, со цел да си ги најде старите играчки од детство. Помеѓу правливите стари предмети пронаоѓа една стара музичка касета на која пишува само ‘Горбар’. До касетата наоѓа и касетофон за кој се чуди за што служи. По неколку безуспешни обиди, таа успева правилно да ја стави касетата во касетофонот. Откако ќе притисне ‘Play’ неочекувано за неа, почнува да свири една мошне експресивна метал музика. Тува, зачудена од самиот вид на музиката, но и од чувството што го предизвикува кај неа, доаѓа до заклучок дека тоа е најдобрата музика која некогаш ја слушнала“, стои меѓу другото за најавата за „Касета“.

Според најавата, претставата има повеќе важни аспекти за младата публика. Од една страна открива цел еден музички свет, но истовремено од друга страна, се фокусира на семејните односи.

„Сето ова се прави на начин кој е мошне интересен за младите, односно тинејџерите, кои додека откриваат нови светови за нив, ги запоставуваат односите со нивните родители сметајќи ги нив како здодевни“, се вели во соопштението за „Касета“.

Режијата е на Бесфорт Идризи, автор е Денис Магнусон, а во претставата играат Мики Анчевски, Наташа Петровиќ, Симона Спировска, Винета Дамческа, Мартин Јорданоски, Ненад Митевски.