Млади уметници прават пресврт во театарската игра: „Приклучете се во нашиот експеримент“

Група млади актери, режисер и продуцент од неодамна оформија нов театарски колектив кој го насловија „Пресврт“. Нивната мисија е да промовираат токму тоа, пресврт во театарското творештво промовирајќи слобода преку едукација, експериментирање и истражувања.

Наталија, Петар, Милош и Дени си поставија важна задача – да докажат дека секој може да помогне во создавањето на театарска претстава.

Периодов тие работат на нивниот прв проект, претставата „Иднината е приватна“. Таа е во режија на Милош Б. Андоновски, а во главните улоги играат Наталија Теодосиева, Дени Стојанов, Ангела Стојановска, Дарко Ристовски и Нина Елзесер. Премиерата е закажана за 23 април во Младинскиот културен центар во Скопје.

Поради препораките за превенција од новиот коронавирус, пробите ги преселија дома, вежбајќи преку „Скајп“.

Фокус на нивната претстава е иднината, која ќе биде обработена низ две перспективи: психолошка, која се однесува на приватноста и економска, која се однесува на процесот на приватизација.

„Дали човековата приватност ќе исчезне под влијанието на социјалните мрежи или ќе може да се сочува? Кој е нашиот идентитет во сајбер просторот, а кој кога сме сами дома или со блиските? Дали во иднината ќе постојат влади или приватните корпорации ќе го преземат општественото раководење?“, се дел од прашањата кои претставата ги обработува.

Уникатно во целиот проект е тоа што овие млади уметници ја повикаа јавноста да ја поддржи театарската продукција така што ќе донира за реализација на нивната претстава, која патем ја прават без финансиска поддршка од институциите.

Идејата ја споделија на онлајн кампања на платформата gogetfunding.com каде може во наредните 10 дена да се донира, а согласно износот на донираните средства, следуваат и подароци.

„Решивме дека за нашата прва претстава ќе ги скокнеме институциите, затоа што сакаме да ја видиме вонинституционалната театарска продукција во нашата држава како самоодржлива средина“, велат младите уметници.

На прашањето, што значи поддршката на јавноста за нив, тие велат:

„Значи постоење на можност за промена на статусот кој независната македонска продукција го има, како и свртување на ниманието кон условите во кои голем дел од театарските работници творат. Значи дека сте општествено одговорни и препознавате група на млади луѓе кои едноставно, сакаат да работат. Значи колегијалност и солидарност, доколку поддршката дојде од колегите ширум театрите. Значи мотивација зашто е тешко да се почне од нула, но не и невозможно“.

Емилија Петреска