Млади Украинци прават „рејвови“ за расчистување и поправање на разрушeните области од војната

Млади од Украина, најдоа необичен начин на забава. Тие се организираат за да ги исчистат и одново изградат бомбардираните домови додека истовремено танцуваат на музика. Еден од ваквите настани се одржал во украинската област Јахидне, пренесува „Евроњуз“.

Дневниот „рејв за чистење“ е организирана од млади Украинци кои ги користат забавите за да придонесат кон реконструирање на северните области на земјата кои биле потешко погодени од руската инвазија.

„Дојдовме тука и сакаме да ги поддржиме луѓето кои ја преживеале руската окупација. Во Киев ситуацијата е подобра, но тука е навистина ужасна. Луѓето ги напуштиле своите домови, а тие се уништени, многу куќи се срушени. Ние сакаме да им помогнеме на луѓето одново да ги подигнат домовите и да ја исчистиме територијата“, изјавила Татјана Буријанова, волонтерка во организацијата „Заедно да ја поправиме Украина“.

Поголем дел од волонтерите се на возраст од 20 до 30 години и се од Киев, но дел од нив доаѓаат и од Лавов. Во организацијата се придружиле и странски волонтери од Португалија, САД и Германија.

„Техно фестивалите, односно рејвовите, беа наш начин на живот пред да се случи инвазијата и сакаме да се вратиме назад на нормалниот живот, но сега нашиот нормален живот е волонтирањето“, додала Буријанова.

Расчистувањето на културниот центар во Јахидне е осмата активност на организацијата, а досега волонтерите помогнале да се поправат 15 уништени куќи во селото.