Млади преку воншколски активности ги рушат бариерите за лицата со попреченост

Преку изложба на изработки од ученици и млади со и без попреченост, вчера во МКЦ се одржа настан со кој Фондацијата „Чекор по чекор“ уште еднаш укажа на потребата да се вклопат лицата со попреченост во општеството, но да се зголеми свеста против дискриминацијата и маргинализацијата.

За инклузија во образованието и социјалниот живот, Фондацијата го спроведува проектот „Инклузивни партнерства во заедниците“, а притоа се формирани 18 ученички клубови со најразличен карактер – еколошки, креативни, електро-машински.

„Имаме креирано една наменска компјутерска игра, спортски натпревари се организираа каде што би покажале дека без оглед на степенот на попреченост и на способностите, сите учесници имаат право и можност да учествуваат заедно во воншколските активности“, вели за Радио МОФ Елена Мишиќ од „Чекор по чекор“.

На настанот учествуваа ученици од основни и средни училишта од повеќе градови од земјава. Заедно спроведоа низа интерактивни активности, се одржа тест возење на прототип на соларен автомобил, но и презентација на видео игра и модна ревија.

„Проектот претставува формирање на холтикултурно здружение преку кое успеавме учениците т.е децата со попреченост да ги вклопиме во општеството и да им дозволиме нормален развиток како и остатокот од нас. Пред сè една прекрасна можност за да може сите да работиме заедно и да формираме социјални врски едни меѓу други“, велат од холтикултурниот клуб од СОУ „Јане Сандански“ – Струмица.

Според Мишиќ од „Чекор по чекор“, целта е да зајакнат капацитетите за ученичко организирање, за да преземаат активности во кои се вклучени и лица со попреченост.

„Ние сме луѓе што не сме доволно свесни за потребата да се преземаат активности за лицата со попреченост. Едноставно, дека тие се подеднакво важни и вредни граѓани и дека треба да имаат секаде еднаков пристап. Прво треба да зборуваме за недоволно развиената свест во македонското општество, а потоа ќе зборуваме не само за образование, туку воопшто за физичките бариери на движење“, потенцира Мишиќ.

Во однос на бариерите, таа прашува – колку имаме соодветни тротоари кај што може да се движат луѓе со отежната мобилност? Исто така, колку имаме пристапни рампи и колку се тие соодветно направени?

„Првенствено тоа е прашањето на пристапност, физичка непристапност или финансиска непристапност кон здравствени услуги, кон социјални услуги, кон вработување кои што би требало да бидат достапни во општините. Исто така, достапноста на спортски и културни настани. Едноставно самиот процес на буџетирање во локалните самоуправи кој што не доволно обрнува внимание на потребите на лицата со попреченост“, вели Мишиќ од Фондацијата за образование и културни иницијативи „Чекор по чекор“.

Ангела Илиевска