Млади од Македонија учествуваа на светски натпревар по астрономија

По вторпат Македонија имаше свои претставници на најпрестижниот светски натпревар по астрономија и астрофизика, објави Скопското Астрономско Друштво.

Млади од Македонија присуствуваа на светски натпревар по астрономија

Оваа година Меѓународната олимпијада по астрономија и астрофизика (МОАА) се одржа во Сучава, Романија од 1. – 11. август. Во составот на македонскиот тим беа Дејан Максимовски од ПСУ „Јахја Кемал“ – Скопје, Андреј Симески од ПСУ „Јахја Кемал“ – Автокоманда, Томе Кириази од СОТУ „Ѓорѓи Наумов“ – Битола, Фросина Панчева од ПСУ „Јахја Кемал“ – Струмица и Ангела Митровска од ПСУ „Јахја Кемал“ – Автокоманда. Истиот беше предводен од Станиша Вељковиќ, професор по физика при ПСУ „Јахја Кемал“ – Автокоманда и Филип Симески, студент на универзитетот Браун.

На церемонијата на затворање, каде се доделуваат наградите на најуспешните учесници, македонскиот тим се закити со една пофалница, освоена од страна на Дејан Максимовски.

– Дејан, кој сега ќе биде трета година гимназија и минатата година учествуваше на оваа олимпијада, а оваа година покажа дека може да постигне навистина многу. Другите македонски ученици исто така покажаа солидни резултати, велат од Скопското Астрономско Друштво.

Олимпијадата се одржуваше на кампусот на универзитетот „Штефан Велики,“ а беше поддржана од романското Министерство за национално образование, научното здружение „Cygnus,“ локалната самоуправа, како и бројни фирми од проватниот сектор.

Млади од Македонија присуствуваа на светски натпревар по астрономија

Во наредните десет дена, организаторите имаа подготвено богата културна програма, исполнета со екскурзии за учесниците. Па, така тие имаа шанса да видат познатите буковински манастири, кои се заштитени од УНЕСКО, да планинарат по планините кои нудеа воодушевувачки погледи, да пробаат свежо сирење од романските бачила, да се запознаат со традициите на романскиот, но и другите народи кои живеат во регионот Буковина, во селскиот музеј, да ги видат шарените јајца вапцани со техниката батик и сл.

Меѓу сите овие екскурзии, имаше и многу тестови. Секој ученик полагаше тест во планетариумот, каде требаше да идентификува различни ѕвезди и Месиерови објекти. Веднаш потоа полагаа и тест на ѕвездена мапа, каде требаа да се нацртаат небесните линии (екватор, еклиптика, локален меридијан и сл.), да се означат позициите на планетите или на некои посветли ѕвезди.

Извор: Скопско Астрономско Друштво