Млади од Македонија на школа на Европарламентот во Виена

Средношколци од скопските училишта „Ѓорги Димитров“, „Никола Карев“, „НОВА“ и „Орце Николов“ учествуваат на 40-тата сесија на „Модел на Европски парламент“ во Виена.

Млади од Македонија на школа на Европарламентот во Виена

Во еднонеделниот престој, младите од 28 земји членки и четири кандидатки, интензивно се дружат и тренираат работни сесии во реални услови, во какви што се водат дебатите и се работи по комитети на сесиите во Европскиот парламент во Брисел.

Младите ја посетија Амбасадата на РМ во Виена, при што амбасадорот Ѓорѓи Филипов ги запозна со функционирањето на една македонска амбасада. Младите покажаа висока “парламентарна зрелост“, интересирајќи се за политичките теми за Македонија, и за Европа. На вечерата, во легендарниот „Соле“, место каде неформално се одвива оперскиот живот на Виена, тие слушаа за животот на иселениците во Австрија.

Покровители на настанот се претседателот на Австрија Хајнц Фишер, австрискиот Парламент и градот Виена. Како патрони се јавуваат и амбасадорите на сите земји членки на ЕУ, како и на земјите кандидати.