„Млади низ бројки“: Веб-алатка за поттикнување дискусија за младите во општеството

Тимот на „Реактор – истражување во акција“ изработи веб-алатка „Млади низ бројки“, каде на едно место се прикажани податоци релевантни за младите во Македонија.

Според „Реактор“, идејата на алатката е преку обезбедување на лесно достапни, интерактивни и визуелизирани податоци, да се поттикне информирана дискусија за положбата на младите во македонското општество, но и да се развие дебата, активности и иницијативи за младинските теми.

Оваа веб-алатка вчера беше промовирана на настанот „Да зборуваме за млади – Што е планот?“, каде четириесетина присутни дискутираа и разменуваа идеи.

Блажен Малески од „Реактор“ презентираше наоди од истражувањата за состојбите со младите, капацитетите на младинските организации и алатките кои им се на располагање. Зборувајќи пак, на темата невработеност и социјални политики, Младен Фрчковски од Министерството за труд и социјална политика ја презентираше младинската гаранција и што таа овозможува. Понатаму, околу состојбите со младите и образованието зборуваше Мартина Илиевска од Младински Образовен Форум, а пак во име на Национален младински совет на Македонија, Илија Станковски дискутираше за младинските политики и механизмите за граѓанско учество за младите. За крај, Мери Цветковска од ХЕРА ја нагласи потребата и важноста младите да се информираат и едуцираат за своето здравје.

„На самиот крај, учесниците ги запишаа своите пораки кои сакаат да ги испратат до институциите, како што се подобрување на условите за вработување, пристап до практична работа и практично образование, достапен јавен превоз, воедно посакувајќи целокупни промени кои ќе ги подобрат условите за младите во земјата“, соопшти „Реактор“.

Настанот организиран од „Реактор“ беше дел од проектот „Младинско застапување за одржлива иднина“ поддржан преку програмата Цивика Мобилитас, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, кој го спроведуваат Нирас од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU).