Млади математичари од Европа на меѓународен турнир во Скопје

Вкупно 60 млади математичари од образовни институции од седум држави од Централна и Источна Европа денеска и утре во Скопје се натпреваруваат индивидуално и тимски решавајќи комплицирани логички математички задачи на меѓународен математички турнир чиј домаќин е училиштето „Нова“.

Турнирот е дел од програмата и активностите на асоцијацијата CEESA во која членуваат меѓународни училишта од Централна и Источна Европа, меѓу кои и „Нова“.

Како што се наведува во соопштението, задачите кои се решаваат на овие натпревари се исклучително тешки, но идејата не е да се тестира колку формули или равенки знаат децата туку да се погледне како размислуваат, а тие треба да размислуваат логички, да употребат принципи и правила кои ги научиле во математиката за да стигнат до вистинскиот одговор.

Во рамки на асоцијацијата CEESA, паралелно се одржуваат голем број натпревари, така што додека Скопје е домаќин на турнирот по математика за основци, во Москва се случува математички натпревар за средношколци, а во Загреб е турнирот во општи знаења кој е концепиран како квиз.