Млади луѓе наоѓаат креативни начини за справување со загадувањето

Загадувањето во изминатите години, освен како извор на грижа и револт, за некои граѓани послужи и како инспирација. Преку игри, музика, апликации и градини на покривите, одредени жители на Скопје и Тетово одлучија да му пркосат на молкот на институциите и да ја зголемат свеста за загадувањето.

Што преостанува кога институциите не реагираат, а состојбата со загадувањето само се влошува? За некои граѓани, одговорот е – да се протестира. Но, за одредени жители на некои од најзагадените градови во Европа, Скопје и Тетово има и други форми на револт и справување со еколошкиот хаос кој нѐ опкружува.

Ермал Селими, Дрилон Реџепи, Бесар Иљази и Лиридон Реџепи од Тетово, како начин на подигнување на свесноста за загадувањето во нивниот роден град, ја создале играта за паметни телефони Airpocalypto: City of Smog .

„Нашата главна грижа е загадувањето на воздухот, но не само во Тетово. Се разбира дека постојат организации против тоа, како Еко Герила. Во Тетово протестиравме многу пати, но тоа не е доволно. Сакавме нашата идеја да стигне до повеќе луѓе, пред сѐ до младите. Тие најмногу играат игри и затоа се насочивме кон оваа група. Утре ќе бидат гласот на нашата земја“, раскажува за идејата еден од програмерите на ShroomApps, Лиридон Реџепи.

Тие веќе биле тим и ја имаат компанијата за програмирање игри ShroomApps. Откако ја смислиле играта, решиле преку неа да го одразат тоа што се случува во нивниот град.

„Главната цел е да се бориме против загадувањето, затоа и играта е бесплатна. Сепак, не е многу преземана. Ние сме задоволни што играта ја рефлектира пораката на луѓето кои ја играат, но треба да има повеќе луѓе кои ќе ја преземат“, додава Реџепи. Вели дека Airpocalypto: City of Smog е досега преземена околу 1000 пати.

Мапирање и мерење на загадувањето со дрон Фото: www.it.mk

Како друг начин современата технологија да се искористи за оваа кауза, 13-годишниот Матеј Плавевски, пак, неодамна разви идеја за користење на дронови за мерење на загадувањето.

Дронот за справување со воздушното загадување на Плавевски, специјално дизајниран за собирање на податоци за загадувањето, има способност да лета 20 минути на дизајнирана рута без никаква помош од човек.

Дронот има сензори кои за време на летот испраќаат податоци за загадувањето во реално време преку интернет.

Плавевски вели дека концептот е во ран развој и бил презентиран на неколку ИТ предизвици, каде добил големо внимание.

Слични решенија за справување со загадувањето имаа и информатичарот Горјан Јовановски, кој ја програмираше веб страницата и апликација за следење на загаденоста „Мој воздух“, и Кирил Кироски, кој неодамна го преработи истиот концепт за да биде соодветен за уреди на Епл.

Подиректен пристап за поеколошко Скопје, пак, имаат Ангела Манчевска, Александра Јовчевска, Драгана Ангелова и Марија Смилјановска.

„Загадениот воздух и постоењето на ПМ 10 честичките во последниве години станаа главна тема на разговор меѓу граѓаните. Поради таа причина, ние решивме да пристапиме кон проблемот со креативно решение и така настана идејата за зелени покриви над станбените згради во градот“, вели Драгана Ангелова.

Нивната иницијатива, Green Roofs е обид за раззеленување на Скопје, а воедно и прочистување на воздухот од штетните гасови и честички. Неколку од бенефитите кои се добиваат со оваа иницијатива се задржување на дождовната вода, подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на количеството на јаглероден диоксид во атмосферата, намалување на локалната температура и слично. Покрај бенефитите, граѓаните би имале и зелени површини за себе, децата и миленичињата на зелениот покрив од зградата во која живеат, велат од иницијативата.

„Овие типови на покриви веќе се изработуваат на приватни објекти, меѓутоа важно е да се напомене дека вакви градини може да се изработат на сите згради, стари или нови, кои имаат рамен покрив“, додава Ангелова.

Во изминатите години, како знак на револт од загадувањето свој печат оставија и уметниците. Беа одржани и неколку изложби и герила акции, а се пишуваа и химни – како „Up in Smog“ на тетовската рап група „Говеда“. Тетовски виолончелисти ја свиреа и композицијата „Воздух“ на Бах сред депонијата која го загадува градот, а музичкиот перформанс беше слушнат од многумина.

Стефанија Тенекеџиева

*Темата беше оригинално објавена на радио емисијата „Мегафон“