Млади лекари: Бараме решение на нашите проблеми за да не мора да заминеме од земјава

Понижени од системот, со ниски просечни плати, младите лекари и специјализанти бараат решение на нивните проблеми за, како што велат, да не мора да си заминат од земјава, како нивните 500 млади колеги во изминативе години.

Во Декларацијата на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари (АСМЛ), испратена до медиумите стои дека реална просечна плата на млад матичен лекар во Македонија е 18.000 денари, а многу често и помалку. Удар за нив нанело и донесувањето на одлуката за пролонгирано пензионирање на семејните лекари (до 67 години), заради што потенцијалните нови работни места за млади лекари во примарно здравство речиси се оневозможиле во наредните години.

„Обврската за континуирана медицинска едукација (КМЕ), законска и етичка, е на директен финансиски товар на лекарите, плаќаме задолжителна членарина во Лекарската Комора (ЛКМ), плаќаме годишна сума за КМЕ кон ЛКМ, ја плаќаме секоја работилница, семинар, конгрес, обука и сл. а во меѓувреме сме платени и вреднувани под секој можен стандард“, се вели во Декларацијата на младите лекари.

Специјализантите на приватна специјализација пак, велат дека се соочени со тоа да ги сработуваат истите работни врски како своите вработени колеги, но за возврат не добиваат ни денар плата, а немаат ниту здравствено, ниту социјално-пензиско осигурување. Од друга страна пак вработените лекари во јавни здравствени установи, за воопшто да можат да специјализираат се принудени да потпишат меница со која плаќаат казнен износ во вредност 10 пати поголем од сумата на чинење на специјализацијата, односно 120 000 евра, ако наредните 15-20 години од било која причина ја напуштат установата или ја прекинат специјализацијата, дури и поради виша сила.

„Специјализантите се обврзани на задолжителни 24 часовни дежурства еднаш неделно, без притоа за тоа да добијат било каков надомест, ниту храна. Само неколку Клиники имаат обезбедено соодветна просторија, гардероба и тоалет за младите лекари специјализанти, приморани сме да ги користиме тоалетите за пациенти, под секое ниво на достоинство мораме да се пресоблекуваме по ходници и подруми, а нашата работна униформа секојдневно да ја носиме со себе, бидејќи немаме елементарни услови“, се жалат лекарите специјализантите кои се вработени во јавните здравствени установи.

Со последните измени на Законот за здравствена заштита, специјализациите донесоа огромни дополнителни обврски за идните специјализанти, а речиси ништо во насока на подигнување на стандардот на младите лекари.

Специјализантите сметаа дека со новите измени во Законот за здравствена заштитa, со кои Министерството за здравство ги дефинира листата на стручна литература, деталните критериуми за начинот на полагање и положување на колоквиумите и испитите, како и воведувањето на дополнителен интермедиерен испит претставуваат директно нарушување на академската слобода и мешање во автономијата на Медицинските факултети и ЛКМ.

Според нив, воведувањето на задолжително снимање и емитување во живо за време на полагањето колоквиуми и испити е деградирачки и го нарушува дигнитетот и приватноста на личноста на специјализантот.

„Ве уверуваме, нашата борба како млади професионалци, не е мотивирана од желба за големи износи на лични примања и наше богатење, напротив, се бориме и ќе направиме сѐ да го добиеме она кое го заслужуваме, да работиме во средина и услови, без притисок на елементарни егзистенцијални прашања, како на пример: како да се обезбеди храна, како да се платат режиски трошоци, како да се основа семејство?“, велат младите лекари.

Тие бараат од надлежните итно да бидат разгледани нивните барања и конкретни предлози. Нивните барања во однос на примарното здравство се: дефинирање и гарантирање на достоинствена минимална плата за младите матични лекари ангажирани во примарното здравство, фер и достоинствено финансиско субвенционирање за млади лекари кои сакаат да работат во примарно здравство, намалување на административните обврски на ниво и стандард согласно Европските и Светски норми, како и лимитирање на бројот на пациенти на кои еден доктор може да им биде матичен лекар на 1500, со што ќе се отворат голем број на работни места за млади лекари и ќе се укине монополот на општи ординации.

Барањата на лекарите-специјализанти се: итно решавање на ситуацијата со приватните специјализанти и нивно чесно и фер платено ангажирање во здравствениот систем, на мениците за разумно ново согласно праксата во европските земји, интервенција на надлежните и итно донесување на Закон со кој сите сегашни и идни специјализанти, по автоматизам со добивањето на специјализација ќе засноваат некој вид на времен работен однос за време на специјализацијата.

Воедно, тие бараат укинување на 24 часовни дежурства кои во новиот закон се наречени „24 часовна едукација” да бидат платени соодветно, ни повеќе ни помалку од она што го добиваат сите лекари кои имаат вакви дежурства. Тие бараат и организирање и обезбедување на соодветни елементарни услови за работа за младите лекари, како и ревизија на измените во Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на специјализациите.

Младите лекари ги повикуваат премиерот и министерот за здравство, како и сите останати надлежни, заедно да најдат начин и модел и сите отворени прашања и проблеми да се решат преку донесување на Закон за докторска дејност, со инволвирање на сите засегнати страни.