Млади креативци од регионот дискутираат за иднината на медиумите

По јавниот повик во регионот, Британскиот совет собра група на млади креативци од Западен Балкан кои ќе учествуваат во креирање на иднината на емитувањето соработувајќи со Би-Би-Си, лабораторијата Датабокс (Databox) за мешани реалности и Фондацијата за уметност и креативна технологија (FACT).

Како дел од програмата PlayUK на Британски совет, од 2 до 4 ноември тие ја организираат работилницата „Дневна соба на иднината“, која ќе се одржи на регионалниот форум за иновации „Sarajevo Unlimited“, регионална платформа за иноватори, старт-апи, таленти и спроведувачи на промени, организирана од страна на бизнис центарот за креативност и иновација Networks INТ.

„Дваесет учесници вклучени во креативни области како кинематографија, програмирање и ИТ ќе добијат можност да се информираат за иновациите во медиумското емитување, и најдобрите ќе бидат дел од програмата за стручно усовршување во Велика Британија во февруари 2018 година“, соопштуваат од Британскиот совет.

Покрај четворицата учесници од Македонија, велат од таму, ќе има девет учесници од Албанија, четири од Србија, двајца од Босна и Херцеговина и еден од Црна Гора.

Учесници од Македонија се – Тања Тодорова (независен продуцент за дигитални медиуми), Далибор Вучиќ (инженер за индустриски дизајн и 3Д уметник), Бојана Арсова (компјутерски инженер и студент по технологија) и Илија Тирицовски (телевизиски и филмски продуцент).

Во текот на дводневната работилница, учесниците ќе се запознаат со светот на Object-Based Media (OBM) и ќе бидат вклучени во интензивно креирање на нови содржини кои ќе го направат домот богато искуство за споделување.

„Овие креативни луѓе ќе научат како да ја користат платформата Датабокс за да создадат поинакви искуства. Обучувачите од Велика Британија ќе споделат знаење за нови начини на размислување во медиумското емитување, Интернет на нештата (IoT), приватност и податоци

Програмата за стручно усовршување во Велика Британија (вклучувајќи ги Ливерпул, Манчестер и Нотингем) ќе им овозможи на двајца учесници да работат директно со три најуспешни претставници во полето на новите растечки медиуми – Би-Би-Си,  Фондацијата за уметност и креативна технологија (FACT) и Датабокс (Databox) лабораторијата за мешани реалности. Со програмата ќе следи и експериментална демонстрација врз основа на сценарио – „family living room“, како експеримент „во живо“ на Object-Based Media  (OBM), притоа водејќи евиденција на тековната гледаност. Програмата за специјализација ќе се реализира во февруари 2018 година“, велат од Советот.

Британскиот совет ќе им овозможи на посетителите на Sarajevo Unlimited да уживаат и во Сината соба на Би-Би-Си, интерактивна презентација на мултимедијална технологија при што публиката ќе има можност да гледа и создава содржини на нови и возбудливи начини, како и да се запознае со нови уреди од областа на технологијата кои беа искористени за оваа цел. Покрај тоа, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со актуелните трендови и визијата на Би-Би-Си за креирање, дистрибуција и следење на медиумска содржина, како и со перцептивните медиуми на 4-ти ноември на предавањето на Иан Форестер“, велат од Советот.