Млади креативци и иноватори ќе работат на бизнис решенија на 8. издание на Startup Weekend Skopje

Techstars Startup Weekend во Скопје e настан кој им дава шанса на млади амбициозни луѓе да развиваат бизнис идеи. Годинава, ќе се одржува осмото издание, од 29 ноември – 1 декември во просториите на Инофеит.

50 млади креативци и иноватори ќе работат заедно на нови бизнис решенија, ќе ги развиваат и тестираат во рок од 52 часа. Покрај тоа, ќе се запознаат со професионалци од различни полиња кои ќе бидат нивни ментори.

Настанот Techstars Startup Weekend е поддржан од Google for Entrepreneurs и се одржува во 150 земји ширум светот. Досега се организирани скоро 3000 настани на кои се развиени повеќе од 24.000 идеи, каде е вклучена и Македонија.

Startup Weekend е непрофитен настан и се организира со помош на компании и индивидуалци кои сакаат да го поддржат. Оваа година, како и минатата, Startup Weekend Skopje е доброволно организиран од тимот на Solveo. Сите општествено и социјално одговорни компании кои се заинтересирани да го поддржат овогодишниот настан, и да им пружат поддршка на младите претприемачи, можат да се пријават на отворениот повик за спонзори. Картите за учество, пак, ќе бидат достапни по промотивна цена од 14-ти октомври. Сите информации се достапни на Фејсбук страницата на Startup Weekend Skopje.

На минатогодишниот Startup Weekend, Теодора, Олга, Стефан, Филип и Митко ја креираа апликацијата Challenger, која ги поттикнува и наградува граѓаните за нивните акции кои помагаат во борбата против загадувањето на воздухот. Со поддршката од АРНО, тие добија награда од Фондот за иновации и технолошки развој и ваучер за патување на промотивен настан во странство и планираат да ја лансираат наскоро.