„Млади, дроги и музика“ – онлајн разговор во организација на ХОПС

ХОПС – Опции за здрав живот информира дека утре (22 септември, вторник) на својата Фејсбук страница ќе организира онлајн разговор на тема „Млади, дроги и музика“.

„Младите луѓе и во време на пандемија наоѓаат свои начини да ги задоволат своите потреби за дружење, музика и дроги. Тие доаѓаат до својата цел и покрај забраните за ограничувања и групни собири. Младешкиот дух, воден од љубопитност и истражување, секогаш е подготвен за нови предизвици и експериментирања. Едукацијата и информирање млади луѓе за дроги, води до намалување на штети од употреба, но го поттикнува и младинскиот активизам што води до демистификација на употребата на дроги како социо – субкултурен феномен“, стои во најавата за онлајн дискусијата.

На оваа тема ќе говорат Давор Смиланов – доктор по медицина, едукатор и автор. Долгогодишен соработник на ХОПС, кој директно бил вклучен во програмата за намалување на штети и Џака Накот, филозоф и рапер од Скопје, кој работи во изградбата на хип-хоп сцената во Македонија од 1991-ва година. Разговорот ќе го модерира Богдан Колев од ХОПС.

Онлајн разговорот е дел од проектот „Креативна акција за општествени промени – Граѓански ангажман на луѓето во социјален ризик“ поддржан од Цивика Мобилитас.

Од ХОПС информираат дека сите заинтересирани ќе можат да им праќаат прашања во порака, на самиот онлајн разговор или на самиот настан.

Радио МОФ за минатата дискусија на ХОПС, за младите што употребуваат дроги, за недостатокот на државни програми за третман и ресоцијализација, за односот со родителите…

Младите што употребуваат дроги без соодветна државна програма, пандемијата дополнително им го отежна животот