Млади бендови ќе можат да настапуваат на Егзит, пријавување до 25 март

Егзит фестивалот и Студентскиот културен центар Нови Сад и оваа година го покренуваат конкурсот за младите музичари на кои им се нуди прилика да настапат на некои од бините на Петроварадинска тврдина од 6-ти до 9-ти јули. Во изминатите години на овој конкурс вкупно се имаат пријавено над 6.000 изведувачи, а само минатата година од неверојатни 1083 пријавени изведувачи од 28 земји, избрани беа 34 бендови и 10 диџеи.

Од нив, три состави настапија на „Фјужн“, вкупно седум на „Експлозив“ бината, додека „Фјучр Шок“ бината угости вкупно 24 изведувачи од Србија, Грција, Канада, Романија, Хрватска, БиХ, Македонија, како и од Кипар. Оваа година Егзит ги отвора вратите за најдобрите состави и уметници од целиот свет, кои ќе настапат на бините ширум Тврдината, од кои најголемиот број доаѓаат на „Фјучр Шок Стејџ“, бината посветена токму на музичките надежи, а на некои ќе им биде овозможена прилика да настапат и на бините како што се „Фјужн“, „Експлозив“, „Ноу Слип Нови Сад“ и „Гаја Експеримент Транс Стејџ“. Бендовите, диџеите и кантавторите уште од денес можат да се пријават преку апликацијата на сајтот www.exitmusic.rs, а конкурсот ќе трае до сабота, 25-ти март, кога е и последниот ден за пополнување на пријавите.

Неопходно е сите заинтересирани да отворат профил и да постават најмалку две свои нумери или диџеј миксови преку стриминг сервисот „СаундКлауд“, како и истите заедно со биографија, фотографии и назначен музички жанр да ги вклучат во својата пријава на сајтот www.exitmusic.rs. За сите изведувачи кои веќе имаат свој профил на овој сајт, доволно е на својата лична страница да кликнат на пријавата за 2017 година.

Селекторскиот тим го сочинуваат музичката новинарка на „РТС“ и авторка на емисијата „Бунт“ – Бранка Главониќ, водителот и уредник на емисијата „Три бои на звукот“ – Бојан Периќ, музичкиот уредник на „Ем-ти-ви Адриа“ и основач на издавачката куќа „Лампшејд Медиа“ – Никола Јовановиќ, ко-основачот на „Концерт на годината“ и музички уредник на Радио Нови Сад – Обрад Боба Шкрбиќ, радиските водители Душан Мајкиќ, Дашко Милиновиќ и Алма Ковчиќ, програмскиот уредник на Студентскиот културен центар Нови Сад – Игор „Згро“ Тодоровиќ.

Помеѓу членовите на жирито ќе биде и главниот уредник на „Ноктурне“ магазинот, Марко Ристиќ и стејџ менаџерите Сагор Мешковиќ на „Ноу Слип Нови Сад“ бината, Душан Кузманов на „Урбан Баг“, Марко Јовановиќ на „Радио ес Еф-Ем“ и на „Гаја Експеримент Транс Стејџ“. И публиката исто така ќе има прилика да го даде својот глас, бидејќи оние со најмногу лајкови и поддршка на „Фејсбук“ и „СаундКлауд“, ќе имаат и поголеми шанси да настапат на Егзит.