Младата хероина која му кажала „не“ на Хитлер

“Како можеме да очекуваме да најдеме правда, кога едвај има некој кој би се понудил себеси индивиуално за праведната работа? Колку убав, сончев ден, а јас мора да заминам”. Ова биле последните зборови на Германката Софи Шол, која Хитлер ја погубил во февруари 1943 година, поради ширење на антифашистичка пропаганда.

Младата хероина која му кажала „не“ на Хитлер

Софи имала само 21 година кога заедно со својот брат Ханс Шол (24) биле фатени при делење антивоени летоци на Универзитетот Лудвиг Максимилијан во Минхен.

На нив пишувало за пропаста на германските трупи во Русија и поразот кај Сталинград, кој се случил само месец време порано. Во моментот кога Адолф Хитлер без милост ги покосувал сите противници на режимот, смртта поради предавство била неминовна пресуда за овие двајца Германци.

Шолови, со уште неколку колеги, биле членови на отпорничкото движење Бела ружа. При испитувањето, офицерите на Гестапо на младата Софи и’ понудиле спогодба: за делењето на сите летоци и антирежимски активности да го обвини својот брат и останатите членови на движењето, а за возврат да и’ биде поштеден животот.

Софи не се согласила. Биле осудени за предавство заедно со уште неколку колеги и соборци и на истиот ден, 22 февруари 1943 година, животите им биле окончани на една од 20-те гилотини кои Хитлер ги нарачал специјално за предавниците.

Со своите последни зборови, кои на наједноставен, а истовремено и најсилен начин ја илустрираат големината на нејзината жртва, Софи Шол се запишала во историјата како хероина. За последните 70 години по неа во Германија се именувани илјадници улици и плоштади, а сликата од младата девојка со цвет на реверот станала симбол на храброста и отпорот.

Гилотината на која Шол и нејзините соборци страдале, со децении била заклучена во подрумот на Баварскиот национален музеј во Минхен. Пронајдена е дури неодамна, а ова откритие покренало и многу жолчни расправии во Германија. Дали оваа смртоносна направа би требало да биде изложена во центарот на изложбениот простор посветен на Втората светска војна?

Хилдегард Кронавитер, основач на фондацијата Бела ружа, смета дека озлогласената гилотина морала да биде главен експонат, и дека на тој начин би им се оддала почест на настраданите и на движењето на отпорот.

„Ваков артефакт не можете да го заклучите и да се преправате дека не постои. Тој треба да и’ биде претставен на јавноста во својот историски контекст“, вели Кронавитер.

Меѓутоа, со него не се согласува Франц Јозеф Милер (80), последниот жив член на Белата ружа.

„Насилната смрт на Софи и Ханс не смее да биде ничија забава. Сеќавањето на нив и на нивната жртва не ме остава ниту за миг. Тоа не е нешто што треба да биде изложено“, смета тој.

Извор: Блиц