На осум сцени низ Скопје, годинава од 20 до 28 септември ќе се одржи најголемиот меѓународен театарски фестивал во Македoнија, Млад отворен театар (МОТ). Овогодишното 43-то издание тематски ќе го предизвикува современието и обременетоста со капитализмот, власта, слободата, стереотипите, технологијата, но и човечноста и алтруизмот, повикувајќи се на веќе потврдени авторитети во филмот и книжевноста.
На 20 септември во 20 часот во Македонскиот народен театар, фестивалот се отвора со „Блокбастер“ т.н. „театарско НЛО“ претстава, која е филм-пародија, создаден со повеќе од 1400 кадри извадени од 160 холивудски филмови. Од таа гигантска монтажа се раѓа блокбастер со оригинално сценарио. „Блокбастер“ е приказна за насилството од доминантната класа на обичните луѓе каде што хуморот се користи како инструмент за протест.
Втората вечер е резервирана за Словенско младинско гледалишче и претставата „Идиоти“, која настанува според сценарио на познатиот дански режисер Ларс фон Трир, а го поставува Нина Рајиќ, една од најартикулираните театарски гласови на младата генерација. Претставата едновремено е и смешна и критична, промислена, лесна и возбудлива. По неа следува германската „Има уште“, која е експеримент и ново колективно кореографско искуство, кое предизвикува внимание на поинаков начин.
Сцената на кино Фросина е домаќин на третиот ден на МОТ, кога гостува Новосадско позориште со најнеобичната поставка на текстот на Данило Киш „Гробница на Борис Давидович“, во режија на нашиот Александар Поповски, на унгарски јазик. А по неа во Драмски театар изведба на домашната „Странци“, на Нела Витошевиќ и отворањето на дилемите колку соочувањето со вистината нѐ прави подобри луѓе.
Португалската театарска компанија на Жоа Гарсија Мигуел, со „Го убивме шугавото куче“ е дел од проектот Африкански бранови, кој ги спојува Португалија и Африка, а ќе бидат прикажани во Дансинг салата на МКЦ. Веднаш по нив следува „Балканската рута“ по која се движел театарскиот и филмски режисер, Франц фон Столхен, според чие сценарио „рутата“ почнува како театарски перформанс, во кој документарното и фикцијата се неделиви. Меѓу трите актерки носители на дејствието е и македoнската актерка Наталија Теодосиева.
На малата сцена во Македонската филхармонија, Искра Шукарова со студентите на ФМУ ја поставува „Чудна шума“, а по неа следува премиера на домашната независна театарска трупа Артопиа со „Шииит“ во режија на Ирем Ајдим. Претставата сведочи за испитувањето на актерите како конструираат и ја деконструираат поделбата на време и место и нивните сценски идентитети, преку постојана трансформација на нивните тела меѓу субјект и објект, каде што линијата меѓу лични и универзални граници станува сè подвосмислена.
„Но(е)ва Македонија“ на Битолскиот народен театар, во режија на Кокан Младеновиќ, претставува ангажирана општествена сатира, која реферирa на историската мегаломанија на поранешната македонска власт и нивните проекти, кои ја изопачија сликата на нацијата. „Но(е)ва Македонија“ ќе се обиде да отиде чекор понатаму во монтипајтоновски апсурд. Претставата ќе биде прикажана во Македонската опера и балет.
А по неа следува соло проектот на Словенецот Марко Булц, кој претенциозно ја создава идејата за алтруизам нарекувајќи го „Прва алтруистичка приказна“, но дали сам во сè, има нешто алтуристичко?
Јо Стромгрен Компани од Норвешка по втор пат на МОТ, овојпат со женски кастинг во „Болница“, со која ги поместува границите употребувајќи бесмислен јазик и локална естетика на секоја од претставите.
По соработката со Артопиа, режисерката Ирем Ајдим на МОТ гостува со Ентропи студио од Истамбул и „Над земја под облаци // некаде помеѓу” каде што ги обработува ефектите на тековните настани на нашите секојдневни животи и како ја примаме трагедијата преку технологијата денес.
Веднаш по премиерата и отворањето на театарската сезона на Босанското народно позориште во Зеница, на 20 и 21 септември, претставата „Буре барут“ на Дејан Дуковски, во режија на режисерката Нина Николиќ, доаѓа на МОТ, како дел од културната соработка меѓу Босна и Херцеговина и Репубика Македонија.
А на сцената на МКЦ гостува корејската претстава „(Во живо) БЈ Фауст“ на театарската компанија Сисифе од Сеул.
Фестивалската програма завршува со „Црнила ремикс“, едно поинакво видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле. Овој музичко-драмки перформанс поставен од Јордан Симонов е во продукција на Младинскиот културен центар.
Цената на билетите во претпродажба до 19 септември изнесуваат 200 денари, а потоа билетите за сите претстави ќе чинат 300 денари.
Во рамките на придружната програма на фестивалот ќе настапат нордиската експериментална група Fire! и египетската изведувачка Nadah El Shazly.