„Мк.точак“ – интерактивна мапа со патеки, сервиси и паркиралишта за велосипеди

Од денеска започна да функионира платформата „Мк.точак“ – интерактивна мапа на која може да се најдат информации за велодипедски патеки, сервиси, паркиралишта и сè што е поврзано со велосипеди.

Нејзин автор е младиот Данило Најков од Скопје. Тој ја направил платформата за време на карантинските денови во Скопје кои се воведоа поради појавата на Ковид-19. Се чувствувал досадно по завршувањето на средно образование, па времето решил да го помине корисно.

Идејата, вели тој, е при означување на вело патеките да се даде и подетален приказ за нив, односно дали се во добра или лоша состојба. Покрај ова, мапата дава информации и за тоа каде има паркинзи за велосипеди.

„Мислам дека тоа ќе им помогне на луѓето ако одат некаде, да знаат каде да го остават точакот, да не губат време барајќи место. Има опција кој било да додава патеки“, вели Најков за Радио МОФ, додавајќи дека на мапата може да се означуваат и „офф роуд“ патеки.

Платформата овозможува на едноставен и лесен начин да се внесат податоци и секоја активност носи одредени вело поени. Тој, пак, е задолжен да провери дали се точни информациите што се поставуваат и ако е во ред, се додаваат на главната мапа.

Кога ја пуштил првичната верзија, голем број граѓани помогнале да се развие мапата со патеки и места за паркинг, вели Најков. Засега, таа е застапена со вело патеки главно за Скопје и нешто во Прилеп, но тој најавува дека наскоро ќе ги има патеките и од другите градови.

Најков се надева дека во иднина властите ќе направат повеќе вело патеки низ целиот град, не само на главните булевари.

„Според мене нема доволно вело патеки, иако има многу студии кои покажале дека тие се добри за градовите, бидејќи помагаат во намалување на гужвата со автомобили и се еколошки, луѓето се рекреираат… Затоа сметам дека треба да има повеќе“, вели тој.

Периодов Најков контактира со сервиси и продавници за велосипеди, така што граѓаните кои ќе помогнат во развивањето на мапата да добијат поени, а со нив и попусти.

Емилија Петреска