Мјузиклот „Мама Миа“ ќе биде прикажан пред македонската публика

Светски популарниот и најуспешен современ мјузикл „Мама Миа“ за прв пат ќе биде прикажан пред македонската публика на 11 март, во изведба на специјализираниот музички театар, белградскиот „Позориште на Теразијама“, соопштија од Пасворд продукција.

Мјузиклот „Мама Миа“ е еден од најпознатите наслови на „џубокс мјузикл“ жанрот, на кој сите нумери се хитовите на шведската група „АББА“. Од светската премиера во Лондон, овој мјузикл досега е изведуван во 40 земји, го погледнале 50 милиони луѓе, а доживеа и успешна екранизација. Благодарение на „Теди Медиа Груп“ ДОО Скопје, кој е носител на овој проект кај нас, македонската публика ќе има прилика премиерно да го погледне мјузиклот „Мамма Миа“.

Гордите автори, Бени Андерсон (Benny Andresson) и Бјерн Улвеус (Björn Ulvaeus) заедно со Стиг Андерсон (Stig Anderson) и една од најдобрите британски драматурзи Кетрин Џонсон (Catherine Johnson) освоија многу светски театарски сцени меѓу кои и „Бродвеј“, а за ова дело се вели дека ширум светот во секој момент се изведуваат најмалку четириесет различни јазични верзии на оригиналното сценарио.

Една од причините за огромниот успех на мјузиклот „Мама миа“ е секако музичката група „АББА“ која ги плени фановите уште од евровизиската победа во 1974 година.  Мјузиклот преку музиката на „АББА“ ја раскажува приказната за немирната Софи и нејзината потрага за идентитет, за Дона која трага по изгубената љубов и мажите на нејзиниот живот.

Белградскиот театар „Позориште на Теразијама“ одлучи да провери како Белград и Србија воопшто, ќе ја прифатат оваа приказна која постигна толку добри резултати во светот, потпирајќи се исклучиво на сопствените сили што се однесува на актерите, балетот, оркестарот, хорот и целокупниот тим на „Позориште на Теразијама“. Локален копродуцент на овој мјузикл е познатиот екс-ју скијач и олимпиец Јуре Франко кој чекаше дури шест години за добивање на лиценцата за територијата на поранешната држава.

„Секако дека пресудна беше и соработката со легендарниот Јуре Франко, сребрениот екс-ју олимпиец од 1984 година, а денес успешен театарски продуцент, кој успеа да ги добие правата за изведување на овој наслов во регионов. Згора на тоа поверува дека ќе бидеме добитната комбинација до таа мера што ги вложи и своите сретства во копродукција на претставата „Мама Миа!“ која од 27 март 2015 година во Белград започна со првата изведба на овој наслов во овој дел од светот,“ вели Жељко Јовановиќ, уметнички директор на „Позориште на Теразијама“.

По Белград, „Мама Миа!“ доби свои верзии во Загреб и Љубљана. „Позориште на Теразијама“ пак минатата година прослави 65 години од основањето. Во првите дваесет години од постоењето, репертоарот го чинеа оперети и комедии, а во 60-тите години на минатиот век се изведуваа и првите лиценцирани мјузикли. По повеќе од 280 премиери, „Позориште на Теразијама“ денес е позициониран како автентична културна институција чии претстави месечно ги гледаат повеќе од осум илјади луѓе, а на репертоарот се наоѓаат големи бродвејски наслови, но и домашна продукција. Во техничка и просторна смисла, тој пак важи за најсовремениот театар во овој дел од Европа.

Од Пасворд продукција појаснуваат дека локацијата на која во Скопје ќе се одигра овој мјузикл, како и цената на билетите, дополнително ќе бидат објавени.