„Mix the City – the Balkans“, онлајн платформа за креирање сопствен музички микс

Британски совет и фестивалот Егзит ги повикаа британскиот музичар Гоустпоет (Ghostpoet) и дванаесет локални изведувачи од целиот регион за да создадат единствено музичко искуство кое ќе раскаже неочекувана приказна за Балканот, ќе поттикне разговор меѓу луѓето и ќе ги зацврсти пријателските врски. Иницијативата наречена „Mix the City – the Balkans“ ја кани публиката да се вклучи на интерактивна платформа на која секој со компјутер или мобилен уред може да создаде сопствен музички видео микс за Балканот и да го сподели со своите пријатели на социјалните мрежи.

Изминативе неколку недели, Гоустпоет патуваше низ Балканот во потрага по афирмирани изведувачи и скриени таленти кои со својата музика раскажаа приказни за тоа како го гледаат Балканот, неговите градови, луѓе и култура. За време на турнејата, музичарот сними секвенци со дванаесет локални изведувачи и видео материјал кој ги прикажува талентот, богатството и разноликоста на регионот, фасциниран од различните таленти на Балканот:

Дванаесетте локални музичари кои ќе бидат дел од платформата се: бендот Љубојна и Благојче Пенов од Стринг форсис (во Скопје), Саша Кукољ од бендот Шизомантра (во Бања Лука), Хорнсман Којот (во Белград), хорот Хармонија и Верица Чуљковиќ (во Будва), Слободан Тркуља (во Нови Сад), Љибурн Јуполи и Флорин Фанај (во Приштина), Јусуф Бркиќ (во Сараево), Фатос Ќеримај и Бледи Бораку (во Тирана).

Откако „Mix the City – the Balkans“ ќе заживее на интернет, публиката ширум светот многу лесно ќе може да ги истражи и искуси сликите и звуците на Балканот. Со мешање на снимените аудио секвенци на дванаесетте уметници кои физички можеби никогаш не се сретнале, секој корисник ќе треба да ја искористи својата креативност за да ги приближи и да ги поврзе осумте градови Бања Лука, Белград, Будва, Нови Сад, Приштина, Сараево, Скопје и Тирана.. Крајниот резултат од користењето на платформата ќе биде единствен музички видео клип кој може да се споделува и кој ќе биде генериран од корисникот со видео снимки од изведувачите и автентични предели од Балканот.

„Mix the City – the Balkans“ ќе биде достапен за глобалната публика на www.mixthecity.com од јули 2016 година. Во меѓувреме, на истата адреса, корисниците може да ги истражат Тел Авив и Истанбул со музички миксови на сензацијата на јутјуб, Кутиман.

По големиот успех на проектот „Mix the City“ во Тел Авив и Истанбул, „Mix the City – the Balkans“ е нова продукција на Британски совет и фестивалот Егзит. Проектот се реализира во соработка со британските креативни агенции Флајинг обџект и Рол студио.