МИТ ги повика студентите на настава, полицијата продолжува со претресот

Полицијата и денес врши претрес во просториите на МИТ Универзитетот по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, но од Обвинителството нема информации зошто се вршат претресите и за кое кривично дело станува збор.

„И покрај тортурата што на 5 октомври 2016 се изврши врз Универзитетот и растревожувањето на нашите студенти и на наставниот кадар, Универзитетот МИТ од 6 октомври 2016 продолжува со тековните активности“, пишува на веб-страницата на Универзитетот МИТ.

„Се известуваат сите студенти дека наставата ќе се одвива во регуларен тек. Бруцошите ќе следат обука за електронскиот систем, која ќе се одвива во објектот „Сити галери“ на плоштадот Македонија, во претходно закажаните термини“, додаваат од МИТ.

Акцијата започна вчера, а како што објавија дел од медиумите, полицијата направила претрес во три објекти на МИТ универзитетот во Скопје и еден во Македонски брод за да се обезбедат докази за незаконско работење.

Сопственичката на универзитетот МИТ, Билјана Апостолова рече дека упадот на полицијата е политички монтиран случај и хајка против неа и Универзитетот, за да ја замолчат, поради нејзините јавно упатени критики кон власта.