„Мистериленд“ – првиот фестивал кој вклучи виртуелна реалност во пренос во живо

Преносот во живо и виртуелната реалност се доста популарни во денешно време. Тоа се додатоците кои може да направат луѓето да седат во своите домови, а да се чувствуваат како да се на фестивал, без да пропуштат нешто.

Овој голем чекор за фестивалите, прв го направи „Мистериленд“, кој во пренос во живо вметна виртуелна реалност.

Годинашното издание на „Мистериленд“ се одржа минатиот викенд во Холандија, а оние кои немаа прилика да го посетат фестивалот, имаа прилика да го проследат фестивалот во целиот негов сјај. Тие можеа да користат слушалки за виртуелна реалност, Google Cardboard, или да се вклучат преку Јутјуб каналот.

Дводневниот фестивал претстави неколку големи имиња како што се: Don Diablo, Boys Noize, Appollonia, Green Velvet, Dave Clarke и многу други.

Покрај преносот во живо со виртуелна реалност, постоеше и опцијата за 360-степени камера, која пренесуваше видеоснимки на социјалните мрежи. Оние кои „присуствуваа“ на фестивалот од дома беа сведоци на сосема ново искуство.

Но, покрај ова, фестивалот обезбеди посебно искуство и за посетителите под називот „The Living Room: A Virtual Reality Experience“. Настанот се одржа на врвот на пирамидата на „Мистериленд“, за посетителите да може да се опуштат и да уживаат без да испуштат дел од атмосферата.

Главната бина е дело на дизајнерката Кејт Роденбуш, која е добро позната по своите дела на „Burning Man“.