„Мисли на глас“: Европски тест за македонското образование

„Кога доаѓаш од образовен систем како македонскиот, се што е нормално, во другите држави јас го доживував како привилегија“, вели Калиа Димитрова, магистер по политички науки, и корисничка на Еразмус стипендии во неколку европски држави.

Во третата епизода од „Мисли на глас“, посветена на евро-перспективите на македонското образование, Димитрова зборуваше за тоа како изгледа студирањето надвор од Македонија, но и за борбата со бирократијата во земјава за добивање на европските стипендии.

„Кај нас нема служби кои ти помагаат за документацијата доколку сакаш да продолжиш да студираш надвор“, се потсетува Димитрова на собирањето документи за аплицирање за програмите за студентска мобилност во Полска и Литванија.

Константин Битраков, докторанд по правни науки пак се осврна на квалитетот на образованието во Македонија и укажа на големата разлика меѓу вложувањето во овој сектор кај нас и во ЕУ.

„Македонија е екстремно далеку од ЕУ во однос на образованието, подалеку не може да биде. Од нашиот буџет, само 3.8 отсто се за образование и со тоа сме на претпоследно место на светската листа, а за наука се одвојува 0.18 отсто од БДП“, укажа Битраков.

Фари Хисени, од Младинскиот образовен форум посочи дека македонските студенти се принудени да бараат квалитетно образование во другите европски земји, но се осврна и на проблемот со окупираните студентски претставници во земјава.

„Сите промени во Законот за високо образование и други образовни политики се произлезени од самите студентски и младински организации, кои се надвор од формалниот систем, бидејќи другите видовме дека се окупирани“, рече Хисени.

Весна Илиевска пак зборуваше за своето студирање на Кембриџ, како и за разликите во студирањето овде и во Велика Британија, за отвореноста на администрацијата, но и на професорите. За своето враќање во Македонија, ќе рече:

„Кога се вратив во 2013 вложував труд да бидам барем практикант во некоја (државна) институција, но мислам дека има недоверба кон луѓето од странство. За нас немаше место, одговорот беше дека немаат место за волонтери и практиканти. Треба повеќе да се искористат овие луѓе“.