Мисија на САД во ОБСЕ: Иванов да ја преиспита одлуката, таа не е во согласност со демократските принципи

Соединетите Американски Држави се разочарани што претседателот Иванов одби да им понуди можност да ја формираат новата влада на претставниците што имаат јасно парламентарно мнозинство и бара од него да ја преиспита својата одлука, стои во соопштението од обраќањето на шефицата на Мисијата на САД во ОБСЕ, Кејт Брнс, во врска со политичката ситуација во Македонија, објави Мета.

„Ние сметаме дека оваа одлука не е во согласност со заложбите на ОБСЕ, основните демократски принципи и владеењето на правото, што се основни вредности на оваа организација“, стои во соопштението од Мисијата на САД во ОБСЕ.

Како стратешки партнер и пријател на Македонија, како и со целосно почитување на суверенитетот и единството, се нагласува во соопштението, Мисијата на САД во ОБСЕ бара од претседателот Иванов да ја преиспита својата одлука.

„Ние, исто така, ја повикуваме Владата, политичките лидери и партиите да се воздржат од напади врз организациите од граѓанското општество и да помогнат да се обезбедат услови и поддршка за независните гласови и институции да ја извршуваат својата работа. Во исто време, ги повикуваме соседите на Македонија да покажат воздржаност и да бидат конструктивни во овој момент на зголемена политичка чувствителност во земјата“,  наведуваат од Мисијата на САД во меѓународната организација.

САД ги повикуваат сите страни да ги стават интересите на Македонија и на нејзините граѓани пред сè друго, да работат конструктивно и на целосно спроведување на сите нивни обврски од Договорот во Пржино.

Исто така, стои во соопштението, решавање на политичката криза може да дојде само преку почитување на законите на Република Македонија и на меѓународните обврски, и почитување на волјата на народот слободно изразена преку демократски процеси и врз основа на резултатите од изборите во декември 2016 година, и во духот на инклузивност и меѓуетничка соработка.