Две девојки и двајца момци од дигиталната индустрија кои секојдневно се соочувале со проблем во изборот на тоа што ќе јадат, креираа агрегатор на оброци со кој, како што велат, прво ќе си помогнат на себе, а потоа и на другите гладни граѓани.
Сервисот наречен misejade.mk од денеска е и официјално достапен. Паметниот алгоритам, користејќи ја локацијата на корисниците, нуди избор на голем број оброци кои се наоѓаат во нивната околина, со цел тие да го најдат идеалниот оброк по нивен вкус.
„Не е адресар на ресторани, ама затоа е адресар на оброци, кои по некоја случајност се приготвуваат во ресторани, кафани или сомнителни трафики. Нема online плаќање или нарачување. Misejade.mk е тука за да ти даде идеја, а не да ти земе пари“, велат креаторите.
Во моментов misejade.mk прикажува точно 2913 оброци од 49 угостителски објекти. Од сервисот порачуваат дека бројката ќе расте секојдневно до мапирање на сите можни опции. За тоа бараат помош и од граѓаните, кои можат да препорачаат неоткриени места на овој линк.
„Филтрите за категории, на кои сме научени до сега, ги заменивме со харизматични ликови и докажани гурмани како баба Љуба, Марио Фит, Пере Ждере, Анка Вегетаријанка итн. Сите ликови се грубо базирани на вистински личности, секој од нив експерт во својата област. Така на пример, Анка Вегетаријанка ќе ти ги понуди сите вегетаријански оброци кои се наоѓаат во твоја близина и се моментално достапни”, објаснува Владимир Василевски, еден од основачите на misejade.mk.
Прикажаните оброци се од угостители кои во моментот на пребарување се отворени. Ова практично значи дека доколку отворите misejade.mk во 4 часот наутро, ќе знаете точно што и од каде можете да јадете.
Дополнителни опции кои ги нуди сервисот се и информации за тоа дали за одбраниот оброк има или нема достава, понуда на целосни менија разглобени по категории, како и можност корисниците да го оценат оброкот по вкус и исплатливост, со што ќе им се помогне на следните корисници.
Во моментов misejade.mk содржи само локали кои се наоѓаат во Скопје, иако креаторите порачуваат дека доколку корисниците сакаат да прикажуваат оброци и во други делови на Македонија, можат да предложат ресторани и од други градови.