Во рамките на проектот Мировно образование и одбележувањето на Неделата на солидарност со бегалците од Сирија, во гимназијата „Кочо Рацин“- Велес во рамките се одржаа работилници на тема „Сите сме деца на овој свет“.
При етичката работилница наставникот Бошко Караџов говореше за премрежјата низ кои поминуваат мигрантите од Блискиот Исток, како и за потребата од поголема солидарност и сочувство со страдањата на децата – бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан.
Според тимот на Мировно образование, целта на овие работилници е да се подигне свеста на учениците за состојбата во која се наоѓаат децата од Сирија и воопшто бегалците, потребата од солидарност и помош на луѓето кои страдаат од војнa.
„Грижата за другите најдобро покажува дека водиме сметка и за себе си, затоа што со тоа се претставуваме како вистински луѓе. Доброто што го правиме значи почитување на другите, а истовремено и почитување на себе, изразување на своето достоинство и свое реализирање како одговорна и чесна личност. Да го следиме примерот на Мајка Тереза која скромно укажа. ‘Не можеме да правиме големи нешта, но малите да ги правиме со голема љубов’“, велат од тимот на Мировно образование.