Мировен собир и дискусија во 18 часот на Школка во Градски парк

Движењето „Стоп за полициска бруталност“ повикува на  мировен и солидарен собир и дискусија денеска во 18 часот на Школка во градскиот парк.

„Сеуште ја чувствуваме мачнината која ја зададе вчерашниот ден. Според последните објави, животот го загубија осум наши сограѓани. Сочуство со семејствата, нема зборови за утеха во оваа трагедија!
‪#‎Протестирам‬ од секогаш било движење што обединувало барајќи граѓански права, и секогаш пркосело на поделбите кои го обременуваат македонскиот народот. Паролите ги учевме и извикувавме на повеќе јазици, не прашувавме кој чив е кога држевме цврсто раце за да го гушкаме собранието. Протестиравме против неделата на оние кои не владеат, а борејќи се против џинови сите знаеме дека заедно сме посилни!
Затоа денеска повикуваме на мирен СОБИР на Школка, во 18 часот, каде би можеле да разговараме, да се координираме, да зајакнеме и да се меѓусебно охрабриме. Борбата продолжува, не ги одстегаме тупаниците. Секој ден во 6!“, стои во повикот објавен на официјалната Фејсбук страница на „Стоп за полициската бруталност“.

Во изминативе денови се одржаа пет протести против полициската бруталност, кои беа поттикнати по објавената т.н. бомба на СДСМ за случајот со убиството на младиот Мартин Нешковски. Опозицијата објави снимки од телефонски разговори со кои ја обвини власта за прикривање и обид за релативизирање на неговото убиство од полицаецот Игор Спасов во 2011 година.