Со мировен марш ученици од Скопје и Велес денеска ќе го одбележат 21 септември – Меѓународниот ден на мирот. Како што соопштија од Првата детска амбасада во светот Меѓаши, училиштата вклучени во проектот Мировно образование, по повод овој ден, ќе имаат различни активности во неколку градови во Македонија.
Според програмата на Меѓаши, учениците и наставниците од СОУ Гимназијата „Кочо Рацин“ во Велес во 12 часот и 30 минути ќе излезат на Мировен марш низ улиците на градот во непосредна близина на училиштето.
Во Скопје пак, ученици и наставници од училиштата СУГС Гимназија „Никола Карев“, СМУГС „Д-р Панче Караѓозов“ и СУГС „Арсени Јовков“ ќе тргнат од своите училишта во правец на Камениот мост каде што во 13 часот ќе се здружат и на симболичен начин ќе упатат пораки за мирот. Оваа активност е реализирана во соработка со граѓанското здружение за унапредување на културата, мултиетнички развој, образование, екологија и спорт „Нобилис“ основано од неколку професори ентузијасти.
По повод Меѓународниот ден на мирот, во скопското подрачното училиште СУГС „Владо Тасевски“ во текот на неделава се најавени повеќе разговори со учениците на теми поврзани со емигрантите и хуманитарните активности. Денот на мирот ќе се одбележи и во гостиварската гимназија, во Дебар и Могорче каде беше одржана хуманитарна акција за емигрантите од Сирија.
Овој ден е усвоен од Обединетите нации во 2001 година како Светски ден на ненасилство и прекин на огнот насекаде во светот. Секоја година заѕвонува ѕвоно во седиштето на ОН во Њујорк, а генералниот секретар испраќа мировна порака до целиот свет. Минатата година Бан Ки Мун директно им се обрати на младите, апелирајќи тие уште од мали да се учат на почит кон вредностите и на толеранција.