Во склоп на глобалниот настан „Европски ден за поддршка на бегалците“, во сабота Левичарското движење „Солидарност“ организира активности за поддршка на бегалците и во Скопје.
Настанот ќе се случи на плоштадот „Македонија“ и ќе започне од 12 часот. Предвидено е да има неколку активности, од држење говори од активисти вклучени во помагањето на бегалците, преку собирање донации, до изработка на големо платно со порака „Бегалците се добредојдени“, кое потоа би се истакнало на некое видливо место.
„Ние, македонските граѓани и прогресивни сили ќе излеземе на 12 септември, Европски ден за акција во солидарност со бегалците и сите што бегаат од различни форми на терор и насилство, војна, окупација и експлоатација.
Ги повикуваме сите прогресивни граѓани на мировен собир да ни се придружат и да повикаме против соучество на нашите влади во свет во кој границите стануваат ѕидови, во кој расте милитаризмот и нееднаквоста, во кој разликите меѓу етникуми, националности, бегалци и мигранти како категории нè расчовечуваат, во кои бегството од насилство, експлоатација и војна претставува криминал, против свет во кој ни продаваат лажен сон дека обезбедени граници значи обезбеден живот.
Бегалците кои денес минуваат низ Македонија и бегалската криза се резултат и на воената агресија и економската експлоатација на Блискиот Исток и Африка. Окупирањето на држави во Блискиот Исток предизвика милиони жртви и раселени лица, а во дел од овие мисии учествуваа и македонските воени сили. Нови исламистички групи со радикално десничарски погледи и авторитарни влади се изродија од овие т.н. мировни мисии. ISIS е само една меѓу нив. Таа воена агресија денес продолжува и со воената кампања на Турција врз курдски цели на територија на Сирија, но и врз левичарски организации, партии и граѓани со курдско етничко потекло по убиството на војниците во Даларџа.
Излегуваме во солидарност и со сите активисти низ светот и посебно оние од јужниот и северниот пограничен тим во Македонија и зад границата. Со нивното дејствување тие покажуваат диспонираност што ги надминува ограничувањата на национални граници и меѓународниот хуманитаризам, во човек да се види секогаш соговорник, сосед, другар. Заедно, активисти и луѓе што се прогонети од своите домови, ја поместуваат границата на она што се веруваше дека е возможно!“, стои во официјалниот Фејсбук настан за акцијата во Скопје.