Мирен протест во недела против масовното труење на бездомните животни во Охрид

Охридското здружение за заштита на правата на животните „Анималиа“ организира мирен протест во недела (28 февруари), со кој ќе побараат контрола на продажбата на отрови што се користат за земјоделските култури и кои често се злоупотребуваат за труење на бездомни животни. Протестот е закажен напладне, на плоштадот во Охрид.

„Напоменуваме, истиве отрови може да се злоупотребат и за труење човек, а од невнимателност може и детски живот да згасне. Најчесто тие отрови од под тезга во земјоделските аптеки се продаваат, поради тоа што не е потребен рецепт за нив, ниту пак има строга контрола за нивна продажба и нивна употреба. Не ретко завршуваат и на наша трпеза, бидејќи штом нема строга контрола од Агенцијата за храна и ветерина (поточно од Фитосанитарен инспекторат), секој гледа како побрзо до профит да дојде, а притоа не се води сметка за начините како да се дојде до тој поголем профит“, се вели во повикот за протестот.

Од „Анималиа“ велат дека ниту еден случај на труење на бездомни животни досега не е расветлен, поради тоа, во недела ќе го кренат гласот и против пасивноста на Министерството за внатрешни работи и на ветеринарниот инспекторат. 

„Да не чекаме да биде предоцна, да го кренеме нашиот глас. Ве повикуваме сите љубители на животни, ве повикуваме сите љубители на животот, ве повикуваме сите еколози, да се приклучите на овој мирен протест“, стои во повикот.