Миодраг Радоњиќ Бато, архитект: Со нестручно стопанисување, политиката прави штета на просторот и населението

Архитектот Миодраг Радоњиќ Бато е добитник на наградата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ за животно дело „Андреј Дамјанов“ за 2018 година. Во неговата долгогодишна кариера се вбројува Републичкиот Завод за Урбанизам „ЗУМ“ Скопје, каде работи на урбанистички и архитектонски проекти се до 1991. Подоцна, како партнер со архитект Р. Христов го основа првото приватно проектантско биро „Ателје Ајвар“, а во 1995 е основач на инвеститорската и градежната фирма „Компанија Х.Р.Р.М.“, партнер на  „Ателје Ајвар“. До денес работи на проектирање, инвестирање и изградба на различни видови проекти.

Во интервју за „Порта3“ тој вели дека државата има изгубено чувство за своите најважни ресурси и приоритети. А тоа се – населението и просторот кој го поседува.

„Со недомаќинско и нестручно стопанисување со просторот, притоа недозволувајќи ѝ на струката да го планира и креира, државата или подобро кажано, политиката прави огромна штета на сопствениот простор и на населението. Сметам дека во однос на урбанистичкото планирање, под итно треба да се преземат радикални системски промени со кои ќе се овозможи урбанизмот, како научна планерска и општествена дејност, првенствено да биде во интерес на граѓаните како корисници на просторот. Притоа мора да се сменат погрешно поставените улоги и односи помеѓу актерите и тоа: науката и струката од една страна и државата или политиката и извршната власт од друга. Мора, како единствено правило, да се тргне од тоа дека, науката и струката, знаењето и креацијата се двигатели на развој, а политиката и власта се тука тоа да го организираат, испочитуваат и да го реализираат, а не е ОБРАТНО! Без таков пристап тешко ќе направиме исчекор од овој ќорсокак. Но ова е неизводливо во држава која нема Министерство за просторно планирање, урбанизам, архитектура и градежништво, туку сето тоа е во склоп или на маргините на некое Министерство за транспорт и врски. „Транспорт и врски“ – несреќно склопена кованица, за која повеќето граѓани не знаат ни што значи. Ако се мисли на сообраќај и инфраструктурна поврзаност, тогаш сите знаеме само еден од многуте сегменти на просторното и урбанистичкото планирање, па како таков не може да биде носител на суштинското, најбитното, а тоа е планирањето и креирањето на просторот… Максимално се залагам за вакви промени!!!“, вели Радоњиќ.

Според него, од несоодветната организација произлегуваат нестручни или недоволно обмислени закони, меѓу кои најеклатантен пример, вели архитектот, е Законот за постапување со бесправно изградени објекти популарно наречен – Закон за легализација на дивоградби.

„Апсурд од сите аспекти!!! Од стручен аспект, не постои легализација, постои само урбанизација со која се задржуваат сите објекти кои ги задоволуваат прописите, не го нарушуваат планираниот развој и се вклопуваат. Во тој случај сопствениците би требало да ги платат пропишаните комунални давачки. Сè останато се расчистува, со што се овозможуваат предуслови за реализација на планираните содржини. Се плаќаат пропишаните комуналии, а не едно евро за м2, при што од правен аспект, е направен тежок престап, т.е. поништено е правото на еднаквост меѓу граѓаните кое е гарантирано со Уставот. Имено, оштетени се сите граѓани кои, на легален начин со плаќање на сите пропишани давачки, изградиле куќа или купиле сопствен стан, а привилегирани се сите што нелегално изградиле, при што одземале (украле) и простор и средства од државата. Во однос на самото постоење на бесправно изградени објекти, бесправно, нелегално или криминално, тоа е феномен кој само кај нас е така изразен, и треба да биде предмет на сериозна и сеопфатна анализа. Во поразвиените урбани системи таа појава, па и самиот термин се сосема непознати. Апсурд! Како на пример: имам 1/10/1000/ автомобили нелегално внесени (или украдени) во земјата, па сакам да ги озаконам и легализирам, но за нив да платам само по едно евро давачки. Ха, ха, ха, смешно е, ама исто е што и легализацијата на објекти.
Проблемот е толку нараснат, па потребен е долгорочен план за негово решавање, направен на високо стручно ниво од сите аспекти. Вака замислен „ад хок закон“ не го решава проблемот, може само да им даде повод на нови прекршители со надеж дека и за нив во иднина ќе има легализација“, забележува Радоњиќ.

Во однос на Мораториумот на ДУП-овите во Општина Центар, во интервјуто за „Порта3“ вели дека мора да се престане со непочитување на струката и да запре влијанието на локалните моќници.

„Мораториумот е политичка мерка и како таков не може да ги реши неправилностите, но може да даде можност стручњаците со сериозна анализа да ги детектираат и да ги отстранат или ублажат. Тоа би требало да се случува стручно, брзо и ефикасно, што значи нотирање на неправилностите, ставање мораториум само на проблематичните делови и ослободување на поголем дел од ДУП-овите за нивна реализација. Доколку се заклучи (на стручно, а не на политичко ниво), дека поголемиот дел од предметниот ДУП не ги задоволува условите, се носи одлука за изменување и дополнување на ДУП-от. Долготрајниот мораториум може да биде штетен и контрапродуктивен за граѓаните, инвеститорите, како и за самата општина“.

Целото интервју со Радоњиќ може да го прочитате на следниот ЛИНК.