МИОА објави алатка за пријавување на притисок на работно место во изборен контекст

На сајтот на Министерот за информатичко општество и администрација е поставено ново копче за пријавување на притисок на работно место. Оваа алатка денеска беше презентирана од министерот Дамјан Манчевски, на прес-конференција.

Како што изјави министерот, со ова Министерството ја продолжува воспоставената пракса на објавување алатка за пријавување на притисоци во предизборен период на својата веб страна.

„И за време на оваа кампања, исто како и претходните кампањи во изминатите 3 години, вработените во јавниот сектор ја имаат моќта на лесен и едноставен начин да пријават доколку некој им врши притисок во контекст на изборниот процес“, изјави Манчевски.

МИОА се обврзува сите пристигнати пријави да ги проследи до надлежните органи, за понатамошно постапување. Целта е да се обезбедат и гарантираат сите предуслови за фер и демократски избори.
Пријавувањето е анонимно, но доколку лицето кое пријавува сака да ги сподели личните податоци, тие ќе бидат заштитени согласно Законот за заштита на личните податоци.

„Ова е само еден од механизмите кои МИОА ги презема во изминатиот период за целосна професионализација на јавниот сектор. Како што знаете Законот за ВРС е готов и единствено не е во сила само поради нефункционалното Собрание. Законот предвидува транспарентен и професионален избор, високи стандарди и критериуми за раководните позиции и претставува голем исчекор кон деполитизација на јавниот сектор“, додаде Манчевски.