Министерството за животна средина предлага пар-непар како мерка против загадувањето

Воведување на сообраќаен режим со пар-непар возила и намалено користење на службените возила за 50 прценти од страна на државните и јавните институции предложува Министерството за животна средина и просторно планирање до Владата, со цел да се намали загадувањето на воздухот.

Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека ресорниот министер Башким Амети денеска се сретнал со претставници на граѓанските здруженија и дискутирале за актуелните проблеми со загадениот воздух и за предлог-мерките за намалување на загадувањето.

„Целта на оваа средба беше преку неформален дијалог со претставниците на невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика да се разгледаат и продискутираат конкретни, применливи мерки кои во краток временски период ќе дадат видливи резултати во намалување на загадувањето на воздухот“, се вели во соопштението од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Оваа средба доаѓа откако граѓански организации и иницијативи со месеци протестираа и упатуваа апели до надлежните со цел да преземат мерки поради огромното загадување.