Министерството за животна средина ги откажа акциите за чистење на дивите депонии

Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека ги откажува акциите за чистење на диви депонии во повеќе општини во државата, а кои требаше да се реализираат во рамките на кампањата „Македонија без отпад“. Во соопштението од министерството нема информации зошто тие се откажани.

Акциите требаше да започнат денес и да се спроведуваат во тек на повеќе денови по општина, во зависност од големината на дивите депонии. Идејата беше да се вклучат општини каде има туристички центри, заштитени подрачја, по должина на речни сливови, извори и покрај магистралните и регионалните патишта.

По расчистувањето на сите локации, министерството претходно најави дека ќе бидат уредени и позеленети за да се оплемени животната средина и да се подигне јавната свест за потребата од соодветно одложување на отпадот.