Министерството за здравство се подготвува за набавка на заштитни маски за лицата со здравствен ризик

Министерството за здравство информира дека е во подготвителна процедура за постапката за набавка на заштитни маски, кои, велат тие, бесплатно ќе ги добијат лицата со здравствен ризик.

„Штом ќе биде завршена набавката, маските ќе бидат поделени на пациентите. Набавката опфаќа 40 илјади специјални маски, кои штитат од ПМ2 и ПМ 10 честичките“, соопштува министерството.

Имајќи предвид дека законските процедури за набавка на маските се долги, Министерството признава дека оваа процедура се одвива со мало доцнење.

„Воедно, информираме дека и за идната година се планирани вакви набавки, во зависност од потребите“, се вели во соопштението на министерството.

Инаку, ресорниот министер Венко Филипче на почетокот на декември 2018, според податоците што ги добиле, рече дека има околу 43.000 хронично болни, а бројката на деца за кои се потребни маски се уште се утврдува, па бараат начин како да им ги поделат маските.

„Со Министерството за животна средина веќе утврдивме дека маските не го решаваат проблемот, но сепак се некаква форма на заштита“, рече тогаш министерот Филипче.