Министерството за здравство најавува интернационален вмрежен систем за здравствени сертификати

Од Министерството за здравство информираат дека С. Македонија се приклучува кон мрежата “CommonTrust” за издавање на дигитални здравствени сертификати преку новата апликација “CоmmonPass“.

Оттаму нагласуваат дека мрежата е создадена со цел воспоставување на интероперабилна платформа за взаемно признавање на вакциналните потврди и лабораториските тестови за КОВИД-19 меѓу државите.

„Со овој чекор, Министерството цени дека на македонските граѓани ќе им се зголемат можностите за добивање на дигитален здравствен сертификат во согласност со глобалниот стандард “Smart Health Card“. Тоа за граѓаните ќе значи дека тие ќе може да го документираат COVID-19 статусот со цел да може да патуваат во други земји и да одговорат на барањата на граничните премини на други држави, истовремено штитејќи ја нивната приватност. Со CommonPass на едноставен начин може да ги преземат резултатите од направениот COVID-19 тест и вакцинална потврда, и да го покажат здравствениот статус на влез во друга држава без да откриваат други лични здравствени информации“, велат од Министерството за здравство.

Од Министерството охрабруваат сите заинтересирани институции, установи и лаборатории, директно да контактираат со мрежата “CommonTrust” со цел приклучување на базата на акредитирани и сертифицирани установи – партнери на “CommonPass“ кои ќе можат да издаваат потврди од тестови со QR код, кој потоа граѓаните ќе го скенираат во своите мобилни телефони со цел креирање на дигитална потврда.

„На овој начин, установите и лабораториите ќе можат за корисниците на апликацијата да издадат потврди кои ќе бидат признаени како вистински, релевантни и доверливи на интернационално ниво. Со воведувањето на ваква апликација, на македонските граѓани им се овозможува флексибилност во изборот на провајдерот и начинот на кој ќе добијат бесплатна дигитална потврда за нивниот статус на имунизација и за резултатите од направените КОВИД-19 тестови“, велат од МЗ.

Повеќе информации за апликацијата се достапни на страната commonpass.mk.