Министерството не попушта – екстерното оценување било успешно

Министерството не попушта - екстерното оценување било успешно!Екстерното оценување е комплициран, но успешен процес, реагираат од Министерството за образование и наука на прес-конференцијата на Младинскиот образовен форум (МОФ), кој апелираше екстерното тестирање годинава да се прогласи за пробно.

„МОН ја изразува својата отвореност и подготвеност за соработка со сите општествени чинители, институции, граѓански асоцијации и поединци во насока на подобрување на квалитетот на македонскиот образовен систем. Секоја сугестија и препорака со најдобра намера и без политичка позадина е добредојдена и истата ќе биде земена во предвид во текот на понатамошното усовршување на системот за проверка на објективноста на наставниците при оценувањето на учениците“, се вели во соопштението на министерството.

Оттаму велат дека министерството е свесно за постоењето на одредени технички и процедурални нефункционалности на системот, но треба да се има во предвид дека станува збор за комплексен процес ко опфаќа околу 200.000 учесници.

„Оваа година за прв пат се имплементира како една од најважните реформи во македонскиот образовен систем, процентот на отстапувања е минимален, што ни дава за право процесот да го оквалификуваме како успешен. Уште еднаш напоменуваме дека нема да дозволиме ниеден ученик да биде несоодветно оценет и оштетен“, соопштија од МОН.