Министерство за здравство: Има пари за платите на приватните специјализанти, ќе се исплатат ретроактивно

Министерството за здравство тврди дека се обезбедени буџетски средства за исплата на надоместок за приватните специјализанти запишани на конкурсот во јануари 2018 год, кои денеска со отворено писмо до премиерот Зоран Заев се пожалија дека се извисени.

Од Министерството велат дека платите ќе се исплатат ретроактивно, но не прецизираат кога ќе се случи тоа.

„Потенцираме дека средствата на специјализантите ќе бидат исплатени ретроактивно односно од моментот кога министерството се заложи и вети дека ќе ја започне исплатата, поточно од месец јуни 2018 год.
Оперативно, исплатата ќе започне веднаш штом се завршат процедурите помеѓу ФЗОМ и Клиниките на кои специјализираат приватните специјализанти, односно во најбрз можен рок“, стои во нивното соопштение.

Оттаму посочуваат дека сите приватни специјализанти (92-ца кандидати) кои се стекнаа со правото да добијат месечен паричен надоместок на последниот конкурс за приватни специјализации не биле искалкулирани во буџетот на РМ донесен при крајот на 2017 година. Додаваат и дека Клиниките редовно ги исплаќале специјализантите, околу 200 на број, кои во моментот се активно на специјализација запишани во минати години.