Министерството за здравство апелира дека фрлање отрови за кучиња-скитници може да биде исклучително опасно по здравјето на луѓето.
„Посебно апелираме на поголема свесност и совесност дека злоупотребата на овие материи директно го загрозува и здравјето на децата, кои лесно може да дојдат во допир со фрлените отрови на јавни површини. Според стручните лица во областа, за оваа намена најчесто се користат пестициди, или други опасни и токсични хемикалии, кои во директен допир со човекот може да предизвикаат и фатални последици, а дури и вдишувањето вакви хемикалии може да создаде трајни последици по респираторниот систем.
Имајќи предвид дека од здравствен аспект, овие материи се исклучително опасни како за животните, така и за луѓето, уште еднаш апелираме дека лицата одговорни за предизвикување смртен исход со вакви дејства, може кривично да одговараат согласно позитивните прописи во Република Македонија“, предупредува Министерството за здравство.
Вчера, Агенција за храна и ветеринарство, пак, соопшти дека ќе се засилат контролите на фрлање отров во урбаните средини. Се формирала работна група составена од претставници на повеќе институции која на редовна основа ќе ги следи состојбите и ќе превзема мерки за надминување на овој проблем. Се планира работната група да биде составена од претставници на Канцеларијата на ПВРМ, Министерство за здравство, Агенција за храна и ветеринарство, Државен инспекторат за земјоделство, Фитосанитарна управа, Управа за животна средина, Инспекторат за животна средина, Заедница на единиците на локалната самоуправа, Земјоделски здруженија и Здружението за заштита на животни Анима Мунди.
„Почнувајќи од следната недела, Државниот инспекторат за земјоделство засилено ќе излезе на терен и ќе го зголеми бројот на вонреден инспекциски надзор врз земјоделските аптеки со цел контрола врз примената на позитивните прописи во однос на продажбата и дистрибуција на производи за заштита на растенијата (отрови). Институциите ќе изработат компаративна анализа за регулативата за отрови (производи за заштита на растенијата) од земјите на ЕУ, со цел да се разгледаат најдобрите практики од оваа област. Агенцијата за храна и ветеринарство со задоволство ја продолжува досегашната соработката со Здружението за заштита на животните Анима Мунди и останува отворена за понатамошни чекори за конечно и сеопфатно да се реши проблемот со бездомни кучиња во државата“, соопшти вчера Агенцијата за храна и ветеринарство.